Завчера полицијата во Велес уапсила вработен во Специјалниот завод во Демир Капија бидејќи бил фатен како бакнува и допира штитеничка на заводот…
Грозна вест нели?
Чичко на 51 година, се оддал на своите ниски мераци со лице кое е со пречки во развојот.
Неколку редови во билтенот на МВР и во црните хроники на медиумите, кои после вестите за Цеца, Аца Лукас и најновите барања на Аца Антиќ се меѓу најпосетуваните.
Во зависност од тоа какво обвинение ќе му биде покренато на чичето, ќе видиме и со колку години затвор ќе го почестат за нездравиот „мерак“. Колку ли пати чичето пипкал штитенички пред да го фатат?
Кривичниот законик е јасен:
Обљуба врз немоќно лице
Член 187
(1) Тој што врз друг ќе изврши обљуба, злоупотребувајќи го душевното
заболување, душевната растроеност, немоќта, заостанатиот душевен развој или друга состојба поради која тоа лице е неспособно за отпор, ќе се казни со затвор најмалку осум години.
(2) Ако поради делото од став 1 настапила тешка телесна повреда,
смрт или друга тешка последица или делото е сторено од страна на повеќе лица, на особено суров или понижувачки начин, сторителот ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор.
(3) Тој што во случаите од ставовите 1 и 2 ќе изврши само друго полово дејствие, ќе се казни за делото од став 1 со затвор од три години до пет години, а за делото од став 2 со затвор од три години до десет години.
Постои голема веројатност нашиот херој чичето што љуби да љуби штитенички со интелектуална попреченост да добие од 3 до 5 години затвор. 5 години е максималната казна. Мои пријатели што поминале низ тоа школо на животот ми кажале дека во ќорка времето се мери еден ден-еден месец, но и покрај тоа драги мои, 5 години за таков одвратен деликт се повеќе од ништожна казна затвор.
Ќе ми дозволите неколку редови и до надлежните институции:
Земете им се на тие луѓе, тие и така се заборавени. Земете им го достоинството, оставете ги во рацете на такви монструми и после само книжете започнати и завршени предмети.
Како ги вработувате луѓето во овие заводи? Со лепење на плакати? Ќе треба и психотестови да се прават, како што видовме сите. Педофили, сексуални манијаци и слични ѓубриња немаат место во овие установи. Пикате внатре секакви говеда што најчесто се докажале како верни партиски послушници и после во билтен ќе читаме дека некој обљубил некого без разлика дали тоа се случило пред или после супата послужена за ручек или вечера. Закочете малку и воведете ред.
Во темниот подрум на нашата незаинтересираност за тоа какви монструозни работи се случуваат околу нас, еден мирен чичка пипка девојка со интелектуална попреченост.
Време е да го осветлиме истиот тој подрум, па макар тоа и да ни предизвика нагон за повраќање.
Помислете на тоа, па макар и да живеете во илузија дека тоа што ја снашло девојката од Специјалниот завод во Демир Капија на вас никогаш нема да ви се случи.
Автор: Атанас Величков за Трибуна