Партнерствата се само еден сегмент од заедницата што ја градиме со другите луѓе. Дефинициски партнерството подразбира најблизок и најинтимен однос помеѓу луѓето. Но, за жал не сите партнерства се такви.
Понекогаш се случува луѓето да имаат поголема приврзаност кон пријателите, родителите, роднините или некој со кој не се во партнерски однос отколку со партнерот. Во тој случај партнерската врска се сведува само на функционирање внатре заедница која има правно-формални основи како што е бракот на пример.
Да се изгради стабилно партнерство е можеби и најтешка работа на светот, бидејќи тоа бара многу посветеност, свест, зрелост, внимание и време. Затоа предуслов за силна и цврста заедница се ДВЕ СИЛНИ ЕДИНКИ.
Преку литературата, воспитанието, традицијата, религискиот дискурс и други форми на концептуализација долго време се провлекува стреотипот дека „Партнерот е ваше огледало“ и тоа повлекува понекогаш и патолошки импликации. Еден од партнерите се претвора во сенка на другиот со цел да му удоволи, да направи „компормис“ или да ја зачува таа заедница по секоја цена. Така ставајќи се во служба на другиот, едниот од партнерите ја губи својата посебност и индивидуалност, а другиот привлечноста поради непостоење на личност со која може да се врзе.
Неколку клучни разлики кои ќе ни помогнат да ја сфатиме суштината на партнерскиот однос:
- Успешен пар е различно од среќен пар
Многу луѓе се идентификуваат со описот „успешен пар“. Успешен пар значи дека општеството ви дало легитимитет и признание за вашите заеднички заложби, односно за тоа како сте ги воспитале вашите деца, каква кариера имате, како успевате да го одржите семејството, да гу уредите домот, да имате заедничко хоби и сл. Но додека сите ви честитаат за заеднички успеси и проекти, вие може да чувствувате дека сепак не сте целосно исполнети и дека нешто ви недостасува. Тогаш е сериозно време да преиспитате дали сте со вистинскиот партнер.
Некои луѓе одлучуваат да останат во успешни партнерства цел живот, бидејќи како што велат „бракот и честа се светост“, но се длабоко незадоволни и несреќни, што повлекува поинакви последици. Таквите успешни партнери го излеваат својот отров на околината, наметнуваат погрешни воспитни модели, создаваат фрустрирана генерација од деца и се регресивна сила на едно општество.
2. Среќните парови имаат свој заеднички простор во кој никој нема пристап
Среќните парови имаат свои досетки, заеднички искуства, мали слатки тајни на кои реферираат. Тие буквално градат свој корпус од зборови, навики, симболи, хумуристички досетки и сл. кои ги разбираат само и единствено тие.
Среќните парови не се расположени да слушаат совети од типот „треба или мора“ за нив ништо не е обврска, туку потреба.
3. Среќните парови имаат почит кон другиот
Среќните парови не се идентични индивидуи, тие се сосема различни и свои со огромна почит кон туѓите разлики.
Ако партнерот има поинакво разбирање за бракот, сексот, политиката, идеологијата, воспитувањето на децата, тоа не значи дека треба да се обидете да го смените, туку да ги почитувате неговите/нејзините граници на себство и да не дозволите да ви се нарушат сопствените.
Не мора да бидете исти за резултатот од заедничката работа да биде одличен, сетете се дека слика на која има повеќе бои секогаш изгледа пораскошно, побогато и попривлечно од една црно-бела фотографија.
4. Во среќните партнерства, партнерите живеат за да го унапредат другиот, а не да го „смират, скротат, стегнат или направат по своја мерка“
Среќно партнерство ви отвора нови хоризонти на доживувања, ве унапредува, ве прави подобри, емотивно ве воздигнува, ве прави позрели, поспособни, посвои.
Само во патолошки случаи партнерите имаат потреба да ги модеритаат другите и од нив да направат свои клонови, а кога тоа не им успева со партнерот, на ред се нивните деца. Ако сте љубител на обликувањето тогаш земете си глина и направете си идеална скулптура, личноста не е материјал за обликување.
5. Среќните партнери ќе ги препознаете по начинот на кој се гледаат, допираат, разговараат меѓусебе и зборуваат еден за друг
Има некоја посебна магија што ја шираат среќните парови во некој свој метајазичен систем, просто тие се целосно предадени на другиот и тоа се познава во нивниот поглед, допир и разговор.
Секој има право да одбере во која форма да партнерство ќе биде или ќе остане. Имате право да бидете во успешно партнерство, но немате право да им одредуваате на другите критериуми за тоа како треба да изгледа нивното партнерство.
Секој нека ужива во своето!
Магдалена Стојмановиќ