Зборот криза, етимолошки води потекло од старогрчкиот збор „κριςις“ кој во буквален превод суд, одлука, поделба. Старите Грци овој термин го употребувале со цел да најават состојба во која се навестува некоја голема промена, обично кон полошо. 

Денеска зборот криза има широка употреба во македонскиот јазик дури и во неговата секојдневна употреба. Но обично употребувајќи го зборот „криза“ мислиме на некој недостаток или потреба која ја имаме а која од објективни причини не може да биде задоволена.

Според употребата на зборот, зборот криза добива две значења и првото се однесува на поединечна криза, а второто на општа криза.

Во последните неколку години, зборот криза доби масовна, глобална употреба. Зборувавме за здравствена криза, па безбедносна криза, за денеска да зборуваме за економска криза.

Терминот економска криза, обично го користиме кога сакаме да наведеме дека некои производи поскапуваат и стануваат недостижни за поголем дел од купувачите, или недостаток на дел од ресурсите кои се пресудни да се продолжи функционирањето под истите околности како претходно.

Економската и енергетската криза се едни од најчесто повторуваните зборови во јавниот дискурс во поскоро време, а се чини дека не постои човек кој не е загрижен за иднината по кризата.

Како ќе се преживее?

Во нашиот јазик зборот криза често го асоцираме со зборот преживување. Асоцијацијата произлегува од стравот за преживување кој природно се активира кај секое човечко суштество поради неизвесност.

Секоја криза носи промена која на луѓето не им е позната, односно не е извесна, поради што се активира нагонот за борба и преживување.

Нагонот за преживување го стеснува опсегот на свесното и рационалното одлучување, однесување и дејствување, што психолошки го користат маркетинг агенциите и вештите трговци.

Сетете се само колку пати сте го слушнале зборот „Побрзајте, количините се ограничени“ на некоја реклама, или сетете се на гужвите во кои луѓе губат дури и животи да купат производи на „намаление“ за Black Friday низ трговските центри во светот.

Психолошката тактика на трговците и маркетинг службите е да го зголемат стравот дека ќе снема или дека ќе биде ограничен изборот кој е ексклузивен, со цел во тоа ирационално однесување што ќе го имате манипулативно да ви го продадат производот кој можеби и воопшто не е намален, ниту потребен и поволен за вас.

Маркетинг агенциите и трговците ја користат и перцептивната слабост со која детално се занимава гешталд психологијата. Ако видите три бројки испишани како цена на производот, самата низа и бројот на цифри ве одбива од купување, но кога ќе видите две цифри, производот ви станува попривлечен за купување.

Затоа ги имате насекаде оние банални цени 99 денари наместо 100 или 199 наместо 200 кои удираат директно на визуелната перцепција, а не на смислата и значењето на она што е напишано.

Поскапување на производот 

Драстичното поскапување на производите кои се веќе на рафтовите низ маркетите и не се донесени од некој магацин со што се избегнуваат трошоци за дистрибуција и не се штотуку излезени од производство е традиционална метода на зголемување на заработката.

Доколку е зголемена цената на горивото, цената на услугата за дистрибуција на производот е покачена со што се оправдува поскапувањето и на самиот производ. Но што со оние производи кои се дистрибуирани пред покачување на цената на горивото или цената на суровините за производство?

Таквите тактики често ги употребуваат трговците за да ја зголемат својата заработка, производителите да го оправдаат своето покачување на цените, услугите за дистрибуција исто така да скокнат со цел зголемување на профитот и сето тоа на грбот на обичниот потрошувач.

Понекогаш нерационалното и несоодветното зголемување на цените и покрај тоа што дава моментален привид на профит и зголемена заработувачка кај производителите, дистрибутерите и трговците, создава вештачка криза поради која производите стануваат помалку пожелни, помалку достапни и помалку купувани бидејќи потошувачите повеќе немаат средства со кои можат да си ги приуштат производите.

Од друга страна некој од производите магично исчезнуваат од рафтовите поради вина на потошувачите. Обичните граѓани исто така може да предизвикаат вештачка криза поради недостаток на еден производ кога се грабаат да купат зејтин по стара цена затоа што антиципираат дека ќе дојде до поскапување.

Правејќи големи залихи, непотребно, потрошувачите создаваат лажен привид на зголемена побарувачка на производот поради што ја зголемуваат и неговата привлечност и цена.

Зошто трговците и маркетинг службите не го обележуваат покачувањето на цените како и намалувањето?

Дали некогаш сте отишле во маркет и сте забележале дека цената на некој производ е покачена со обележување на процентот за колку е покачена? Секако дека такво нешто низ маркетите нема да видите за разлика од цените кои кога ќе бидат намалени се означуваат со огромни тагови кои ве информираат колку проценти се намалена цената и колку денари вие заштедувате купувајќи го производот сега.

Секако намаленијата ги имаат и стандардните пораки „Само сега“, „Сега е вистинското време“ со што им најавуваат на потрошувачите дека нема да имаат повторна шанса да го купат производот по намалената цена.

Поскапувањето на производот никаде не се истакнува бидејќи маркетинг агентите и трговците се свесни дека покачувањето на цената ги одбива купувачите. Со покачувањата на цените, потошувачите се чувствуваат измамено, изманипулирано и не се согласни да го купат производот.

Трговците намалувањата на цените ги презентираат како тип на подароци или награди за купувачите од причина што кога еден потрошувач ќе наградите тоа значи дека му давате признание дека е добар потрошувач, а секој во нешто сака да биде добар.

Картички на лојални корисници

Овие картички се уште една голема измама што трговците и маркетинг агентите ви ја презентираат.

Со картички на кои имате незначителен попуст на производите што ги купувате кај нив вие влегувате во тим на „лојални купувачи“ кој во буквален и вистинит превод е „тим на купувачи од кои трговецот има најголема заработка“.

Во суштина со пресметан попуст или без трговецот секогаш има пресметан профит, прашање е дали само поголем или помал. Картичките за лојални купувачи го зголемуваат вашиот обем на потрошувачка. Кога ќе купите два производи наместо еден сметајќи дека сте привилегирани што имате попуст во суштина на трговецот му давате профит да речеме од 100 денари, кој би го имал кога би купиле само еден производ без попус со картичката за лојални купувачи.

Со картичките за лојални купувачи трговците го зголемуваат обемот на потрошена количина нудејќи ви лажни попусти.

Лојалноста кон трговецот ја зголемува вашата потрошувачка, а денеска трговците успеале да убедат голем број на луѓе дека се важни за нив, па можете да ги слушнете со приказните „Јас само кај вас купувам“ или „Јас сум тука редовен/на“.

Себичност наместо солидарност 

Стравот за преживување кој се активира во криза ги носи луѓето во себичност. Сите општества функционираат на принцип на солидарност. Во своето дело „За богатството на народите“, Адам Смит изложува теза дека со поделба на трудот, луѓето имаат повеќе производи и имот.

Адам Смит, автор на книгата „Богатството на народите“

На пример ако еден столар за целиот дел произведува една столица, три столари доколку ги поделат операциите – едниот произведува ногарки, другиот сунгер, третиот тапацира, ќе произведат на тој начин повеќе столови одошто три со прост збир секој од нив поединечно во рок од еден ден.

Кога еден производител го поскапува производот со цел да заработи, тој постепено му дава ексклузивитет на тој производ. Тој производ нема да може да го купи оној што на пример се занимава со производство на леб.

Со тек на време побарувачката на столови ќе опадне, и пекарот ќе се сврти кон домашно производство на столови и ќе го напушти професионалното производство на леб бидејќи ќе мора да ги произведе работите кои му се потребни покрај лебот.

Столарот нема да може да набави леб од пекара и ќе се сврти кон домашно производство на леб. И на тој начин распаѓањето на системот на солидарно производство во општеството ќе придонесе секој да се свртува кон сопствено производство како што било до пред неколку години.

На пазарот нема да се наоѓаат разни производи бидејќи секој ќе направи резерват на сопствена производство за сопствени цели.

Тоа е најпластичното објаснување на тезата на Адам Смит за значењето на солидарноста во стекнување на колективно богатство. Во спротивно доколку еден народ не е богат и нема имот, ниту поединците нема да можат да ги имаат тие производи за себе, бидејќи ќе немаат кај да ги купат, ниту каде да ги продадат своите.

Принципот на солидарност е од големо значење за богатството и на поединците што капиталистите често го забораваат себично одејќи во трка по богатство кое само нив ќе ги збогати.

Автор: Магдалена Стојмановиќ