Универзитетот „Нортхемптон“ во Велика Британија издаде предупредување до студентите за потенцијалната „навредлива и вознемирувачка“ содржина во познатиот дистописки роман на Џорџ Орвел, „1984“. Познатиот роман се најде на „црната листа“ на Британскиот универзитет, заедно со драмата „Крајот на играта“ од Семјуел Бекет и графичкиот роман „В како Вендета“ на Алан Мур и Дејвид Лојд.

Романот на Орвел, кој ги опишува опасностите од тоталитарното владеење и цензурата, е издвоен поради тоа што се занимава со „предизвикувачки прашања поврзани со насилството, полот, сексуалноста, класата, расата, злоупотребата, сексуалната злоупотреба, политичките идеи и навредливиот јазик“.

Предупредувањето за читањето на овие книжевни творби, кое беше испратено до студентите по предметот Идентитет во изградба, го објавија британските медиуми, добивајќи го врз основа на Законот за слободен пристап до информации.

Многу корисници на социјалните мрежи реагираа негативно на ваквото етикетирање на романот на Орвел, а меѓу нив е и пратеникот на Конзервативната партија, Андре Бриџен, кој напиша дека во предупредувањето има „многу од Големиот брат“.

Ако ова предупредување одврати дури и еден студент да ја прочита „1984“, Универзитетот во Нортхемптон целосно ја промашил својата мисија. Таа книга треба да биде првата што ќе се прочита во моментов – рече австралискиот професор Ендрју Тајминг од универзитетот РМИТ во Мелбурн.

Покрај Орвеловиот „1984“, на „црната листа“ на „Нортхемптон“ се најде и графичкиот роман „В како Вендета“, исто така со дистописка содржина, чиј протагонист, мистериозен анархист, работи на уништување на тоталитарната фашистичка влада што владее со Велика Британија.

Тука е и една од најпознатите драми на Семјуел Бекет, „Крајот на играта“, напишана во манирот на театарот на апсурдот, која се занимава со егзистенцијалистички теми во време на претчувство на крајот на светот.

Универзитетот „Нортхемптон“ ја бранеше својата одлука велејќи дека „некои текстови можат да бидат предизвик за некои студенти“.

Иако ова не е политика на универзитетот, го задржуваме правото да ги предупредиме студентите за содржината поврзана со насилство, сексуално насилство, злоупотреба или самоубиство – се вели во соопштението на универзитетот.