Претседателот на Украина Владимир Зеленски упати писмо до македонскиот претседател Стево Пендаровски, заблагодарувајќи му се на поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзината европска интеграција, изразени во писмото упатено од страна на претседателот Пендаровски во текот на месец мај 2022 година.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст на писмото:

Ваша Екселенцијо,

Ве молам примете ја мојата благодарност за Вашето срдечно писмо од 17 мај 2022 година и покажаната солидарност со нашата држава, која одлучно се спротивставува на руската агресија.

Ја цениме цврстата и бескомпромисна позиција изразена од Скопје за поддршка на сувереноста и територијалниот интегритет на Украина. Благодарни сме што Република Северна Македонија целосно се приклучи кон санкциите воведени од страна на Европската Унија кон Русија како земја-агресор.

Мојата срдечна благодарност кон Вам лично господине претседател и кон народот на Северна Македонија за поддршката на стратегијата за европска интеграција на Украина и доделувањето кандидатски статус на нашата земја за пристапување во Европската Унија. Таква искрена позиција на претседателот на Северна Македонија, која веќе е земја-кандидат за членство во ЕУ, е од особено значење. Се надевам дека Северна Македонија ќе започне со пристапните преговори кон Европската Унија во најбрз можен рок.

Време е Европската Унија да донесе важни политички одлуки. Верувам дека Република Северна Македонија исто така ќе може успешно да напредува кон членството во ЕУ и еден ден нашите пријателски држави ќе се приклучат кон заедничкото европско семејство како полноправни членки на ЕУ.