Кршењата на работничките права се секојдневие, а заштитата секогаш е задоцнета или отсутна, па затоа и масовната разочараност помеѓу народот расте.

Првомајските прослави на Денот на трудот се речиси единствен период кога јавно се кажува за потребите за унапредување на работничките права. Но, потоа настанува молк и „цедење“ на работникот.

Сето ова се проблеми кои постојат со години, но никако не се решаваат. Работниците, разединети во повеќе синдикати, очекувата од надлежните државни органи да ги штитат нивните права и да ги санкционираат кршењата. Се прокламира дека минимална плата треба да примаат сите, но потоа се нема доволно контрола и санкции за прекршителите. Исто како и за неисплаќањето на К-15, за отпуштањата од работа, за сивата економија, за непријавените работници… Сето тоа очигледно покажува дека заштитата на работниците е на ниско ниво и дека состојбите тешко се менуваат на теренот. До кога ќе биде така?

  • Џабе и најдобри закони ако нема кој да ги спроведе

Наместо да бараме континуирано реформирање на законските одредби, треба да се фокусираме на назначување на вистинските луѓе на вистинските места. Џабе ќе ги имаме и најдобрите закони ако нема кој да ги спроведе. Овде најголема одговорност имаат инспекторатите, бидејќи токму тие се институциите кои треба, а не си ја вршат доволно добро својата работа.

  • Работниците се плашат да се пожалат

Освен што недостига заштита од страна на државата, недостига и самозаштита од работниците.

Работник кој е злоупотребуван молчи затоа што му е страв да не го изгуби работното место. Баш тоа го посакуваат газдите, да им е страв па да си тераат по свое. Мора работникот да е порешителен, а синдикатите малку поагилни и почесни кон работниците.