Современиот живот ни наметнува стандарди за добар вкус и убав стил кои обично се движат во рамките на модните дизајни и брендови. Но добриот вкус и убавиот стил се многу поширока категорија од модата.
Особено поради тоа што модата е свет во кој не само што е присутна креативноста, присутна е и инстанцата која диктира брендови, услови за стратификациска идентификација и одредување на социјалната положба на луѓето.
Добриот вкус и убавиот стил се прашања на естетичка интелигенција и се чисто естетички категории. Естетиката на еден човек е силен показател за неговиот идентите, открива многу за неговата личност, потекло, образование, претензија, светоглед и друго. Вкусот и стилот се надворешен одраз на личните и онтички карактеристики на човекот. А во продолжение ви откриваме неколку параметри на добриот вкус и убавиот стил:
- Умереност
Луѓето кои имаат добар вкус и убав стил секогаш се умерени и тие никогаш не претеруваат ниту со детали, ниту со базична конструкција. Едноставно внимаваат на тоа ништо да не биде премногу или премалку.
Ако еден фустан е предолг тогаш ќе создава проблеми во функционирањето, ако е прекраток ќе открива многу. Фустан кој пасува на една женска фигура е оној кој воедно истакнува и остава простор за некоја мистика.
- Конзистентност
Луѓето со добар вкус не експериментираат често. Тие го имаат најдено својот стил и немаат потреба да се бараат наоколку и да копираат туѓ стил. Не се подложни на влијанија и не следат трендови слепо.
Едноставно по облеката, шминката или другите украси на себе, луѓето точно можете да ги препознаете и да не им ги видите лицата. Луѓето со стил го врзуваат својот стил за себеприкажувањето и народски кажано „држат до себе“.
- Доволност
Добриот стил не е премногу раскошен, ниту е премногу сиромашен, едноставно има се што е потребно и затоа со еден збор може да се окарактеризира како „доволен“.
Претерувањето со накит, шминка, бои и дезени едноставно не е манир на луѓе со стил.
Во една реченица сумирано, луѓето со стил се придржуваат на некој покласичен стил врзувајќи се за безвременски естетички принципи.
Автор: Магдалена Стојмановиќ