Магла и лош, остар мирис во воздухот што ги дразни дишните патишта и тера на кашлање веќе е реалност во која живеат македонските граѓани.

Високите концентрации на ПМ-10 и 2,5 честичките во воздухот се регистрирани и во извештајот за квалитетот на воздухот за изминатата недела кога мерните станици на Државниот автоматски систем за квалитет на амбиентен воздух покажуваат надминување на среднодневната гранична вредност за ПМ-10 честичките од 50 микрограми на метар кубен на 17 мерни локации, од кои седум се во Скопје, две во Битола и по една во Берово, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Прилеп, Струмица, Тетово и Велес.

Според табелите објавени на веб-страницата air.moepp.gov.mk на Министерството за жовотна средина и просторно планирање, мерењата покажуваат дека минатата недела најзагадено било во Струмица, каде во неделата биле регистрирани концентрации од 100 микрограми на кубен метар ПМ-10 честички, или двојно над максимално дозволените граници.

Кичево било на втората позиција со над 70 микрограми на кубен метар. Загадувањето во овие два града, но и во скопско Лисиче било екстремно и изминатиот петок, кога вредностите на ПМ-10 на сите три места биле над 70 µg/m3. Во Центар, Битола и Тетово воздухот бил загаден над 60 µg/m3, а во Гази Баба, Гостивар, Велес, Кавадарци и Берово над 50 µg/m3.

Сепак, и покрај тоа што загадувањето на воздухот е евидентно и веќе влијае на здравјето и секојдневниот живот на граѓаните, мерки не можеме да очекуваме, а причината за тоа е што среднодневните вредности сè уште не ги надминуваат праговите на алармирање.

Според информациите од Министерството за животна средина деновиве кога беше регистрирано аерозагадувањето, прагот на информирање за ПМ-10 од два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 микрограми на метар кубен, односно од два последователни дена со среднодневни концентрации над 150 микрограми на метар кубен, не бил надминат на ниту едно мерно место во државата.

Ова, според екологистите, не смее да биде причина за да не се зборува за аерозагадувањето и за мерките кои мора да се превземат.