Како колективитет се чини отсекогаш сме имале проблем при справување со ѓубрето. На голем дел им треба голем проток на време да научат дека ѓубре не се фрла насекаде, малку знаеме за рециклажа, уште помалку за правилно и погрешно складирање на ѓубре, за „инцидентните“ пожари на дивите депонии, а што е најстрашно многу малку знаеме да разликваме ѓубре од онаа што не е ѓубре.
Кога веќе се отвори јавно темата „ѓубре“, освен што досега алегорично говоревме за неа особено застапена низ системските структури и власта, деновиве бевме очевидци и на буквалното прелевање на ѓубрето од сите страни. Додека како обични граѓани се прашувавме од каде толку ѓубре по улиците и зошто настанал целиот хаос, во одделни партиски кујни ни готвеа уште повеќе ѓубре. По стариот добропознат принцип кога има проблем, сите се појавуваат со поголем проблем, нудејќи им на луѓето рецепт за цивилизациска декаденција – леб и игри (во последно време само игри) на мегдан излегоа градоначалници на општините, вработените од комуналното претпријатие, градоначалничката на Скопје и секако директорката на ЈП Комуналец.
Никој со конкретни решенија и сите со префрлувања на вина на другите. Во целата играрија мачка и глушец, виновен нема да е никој, а штетата како и секогаш ќе ја трпат граѓаните. Но она што е дијагностички важно во јавните настапи на главните актери во приказната со наслов „Ѓубре“ лежи во тоа што коритат исклучително привлечен и заводлив јазик кој уште повеќе ја зголемува тензијата и динамиката на играта. И додека тие народот го забавуваат, ѓубрето се разлева на сите страни низ улиците.
Интересен е фактот што овие класични примери на шоумени и народни забављачи со привилегии градоначалници и директори, голем дел од својата одговорност ја префрлаат токму на обичните работници и вработени во ЈП „Комуналец“, односно метачите. Метачите од „Комуналец“ пак вината ја префрлаат на метлата.
Градоначалничката и директорката тврдат дека метачите се партиски вработени и користат „метачки“ привилегии и затоа не работат, додека, пак, вработените од „Комуналец“ велат дека вината за нивното неработење е во метлите, кои се одамна стари, истрошени и нефункционални. Секако дека услов да метеш е да имаш метли.
Тоа е реален проблем што се провлекува со години, оти сите градоначалници повеќе се грижат да создадат своја армија послушници узурпирајќи јавни претпријатија и вработувања, наместо да се грижат за тоа дали ќе имаат пари да им купат метли. Најголем проблем е што претпријатијата немаат основни средства за работа, а се преполнувани со кадар кој и да сака да работи нема со што! Очигледно е дека сите многу повеќе се грижеле да обезбедат кадровски инсталации одошто да ги решаваат реалните проблеми на претпријатието.
Но она што е врв на сексање во мозок на еден обичен посматрач е тврдењето дека група на луѓе со исто презиме (како да е тоа реткост во наша средина) барале партиски врски да се вработат на позиција „метач“ во ЈП, додека тоа го изјавува градиначалничка која за себе претпоставува дека е градоначалничка само поради своите квалитетите и директорката на истото претпријатие која за себе претпоставува дека е на таа позиција само затоа што е способна, а не затоа што директор и градоначалник во Македонија отсекогаш биле а се чини и ќе останат партиски функции.
Од друга страна овие две жени кои изгледаат прилично воинствено во јавниот настап, користат термини „криминалци, мафијаши“ и што уште не, за вработени во ЈП „Комуналец“ на позиција „метач“ при што вешто и искусно кокетираат со инфантилната колективна свест на нашата јавност која и понатаму жестоко се пали на курчење и дрзок настап, заборавајќи при тоа дека дрскоста нема многу врска со вистината. Како пубертетлии во стадиум на развој на колективна свест, нам и понатаму ни е многу поважно да слушаме и навиваме за изјави кои ни се интересни, жустри и дрски, отколку да проверуваме дали тие изјави се вистинити, логични и конзистентни со емпириските докази.
Ама кој нив да ги избрка од работа? Ние секако не. Дури и да се побуниме. Секој протест во последните децении се претвора во обична статистика и бројка. Од една страна се „дуваат“ бројки, од друга страна се говори дека тоа се само неколку десетици или неколку стотици уште и инструирани побунети поединци. За категоријата „квалитетни“, „способни“ и „надарени“ која непромашуваат во седнувањето на столчињата на власт, поединечните судбини на луѓето се само бројка, или маша на оние спротивните. Нив не ги интересира ништо што нема врска со процент, индекс или дропка ама од тендерска вредност.
А ние? Ние кутрите уште купуваме карти за ефтини театарски претстави што скапо ги плаќаме, за секогаш истата претстава „Ѓубре“ и истите актери кои интерпретираат различни улоги, расположени да се расправаме меѓусебе за тоа која приказна повеќе ни се допаѓа. Со таква култура не само што нема да го исчистиме ѓубрето од улиците, туку нема ниту да го избркаме ѓубрето од системот. За ликовите во претставата „Ѓубре“ ова е само едно „чудо од три дена“ кое се заборава, до некој иден тендер, или наредните избори.
Автор: Магдалена Стојмановиќ Константинов