Светската здравствена организација соопшти дека подготвува нова листа на патогени кои се сметаат за ризични да предизвикаат пандемии или епидемии, па треба внимателно да се следат.
Целта е да се ажурира списокот што се користи за насочување на истражувањата, како и инвестициите, особено во вакцини, тестови и третмани.
Како дел од тој процес, кој започна во петокот, здравствената агенција на Обединетите нации свикува повеќе од 300 научници кои треба да истражат податоци за повеќе од 25 семејства на вируси и бактерии.
Тие, во истражувањето, ќе ја земат предвид и т.н. „болест Х“ – непознат патоген што може да предизвика сериозна епидемија, објави „Сајанс алерт“.
Мистериозна „болест Х“ би можела да биде следната смртоносна глобална епидемија, предупреди СЗО во март 2018 година. Станува збор за зараза која е толку смртоносна и мистериозна, што не знаеме ништо за неа, освен дека тоа би можела да предизвика следната глобална епидемија, според експертите СЗО. Овој мистериозен патоген со кодното име „болест Х“, сè уште не е ни откриен.
-Таргетирањето на приоритетните патогени и вирусни семејства за истражување и развој на контрамерки е од суштинско значење за брз и ефективен одговор на епидемија и пандемија – рече Мајкл Рајан, директор во СЗО.
Инаку, листата првпат беше објавена во 2017 година
Во моментов листата ги вклучува ковид-19, болест од вирусот Ебола и Марбург-вирусна болест, треската Ласа, МЕРС, САРС, Нипа, Зика и „болеста Х“.
За секој патоген кој е идентификуван како приоритет, експертите точно ќе утврдат што треба да се истражи. Потоа може да се изготват спецификации за вакцини, третмани и дијагностички тестови.
Ревидираната листа се очекува да биде објавена пред април 2023 година.