Српската влада ги ограничи цените на основните прехранбени продукти. Ограничувањето на цените ќе се однесува на шеќер, брашно од тип 400, сончогледово масло за јадење, свински бут и млеко со 2,8 отсто млечна маснотија.

Се додава дека ценовното ограничување е поставено со цел да се отстранат штетните последици од инфлацијата и да се спречат нарушувања на пазарот.

Притоа, оваа одлука нема да се однесува на намалени цени како продажби, сезонски попусти или специјални распродажби, туку на редовни, односно цени пред попусти.

Одлуката, која ќе се применува за период од 60 дена, предвидува и производителите да не смеат да ги испорачуваат овие производи во количини помали од просекот во последните 12 месеци.

За непочитување на наведените одредби предвидени се парични казни во износ од 100 000 до два милиони динари, како и забрана за вршење дејност во период од шест месеци до една година.