По повод светскиот ден на лицата со посебни потреби е отворена нова facebook страна „Купи со срце“, заеднички проект на сопругата на амбасадорот на Р. Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов- Билјана Ангелова и здружението „Во мојот свет“.

Секое семејство во коешто има лице со посебни потреби ќе може да објави слики на ракотворби направени од некој од членовите на семејството, да напише цена и кратка информација за човекот со посебни потреби.

Денеска за мене не е ден на луѓето со посебни потреби туку ден на луѓето со силата на духот и волјата. Луѓе за кои секој ден е борба, луѓе со големи и чисти срца. Имено во овој ден одбрав да ве запознам со идеја која може да помага на тие луѓе. Идеја која доаѓа од Бугарија и со дозвола на нејзините креатори ја почнуваме и во Р.С. Македонија. Со големо изненадување дознав колку многу семејства во кои има лице со посебни потреби изработуваат рачно направени чудесни работи. Со овој проект ќе им дадеме можност нивните ракотворби да стигнат до повеќе луѓе кои ќе можат да си ги купат и така да ги помогнеме финансиски семејствата кои имаат потреба. Страната се вика „Купи со срце“ затоа што сѐ што правиме треба да биде со срце и љубов, вели г-ѓа Ангелова.

Идејата и инспирацијата за проектот доаѓаат од бугарската facebook старана „Купи подарок од мајка на дете со посебни потреби“ која само за еден месец собра над 60 000 следбеници. Дозволата за ширење на каузата во Македонија е дадена лично од креаторката на бугарската страна Ина Маринова која е мајка на дете со церебрална парализа. На почетокот таа продава неколку рачно исплетени пара домашни обувки во група на родители со деца на церебрална парализа, но интересот е толку голем што и други родители почнуваат да споделуваат свои ракотворби, и токму тоа ја инспирира Ина Маринова да ја создаде бугарската facebook страна „Купи подарок од мајка на дете со посебни потреби“.