„Одливот на мозоци“ стана тажен рефрен на Западен Балкан, каде многу млади ги негуваат своите соништа за живот и работа во странство, истакна министерот за образование, Јетон Шаќири на денешната тркалезна маса на тема „Враќање на мозокот во татковината“, организирана од страна на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Министерот потенцира дека „одливот на мозоци“ е глобален феномен, но кога ги погодува малите земји кои сè уште се во развој, последиците се повидливи и почувствителни во сите сегменти на општественото живеење.

Морам да кажам дека во фокусот на Министерството за образование и наука е да креира реформски процеси со сериозно пристапување кон оваа појава, бидејќи преку изградба на квалитетен и перспективен образовен систем, поддршката на талентите и мерките за усогласување на профилите и образование за потребите на пазарот на труд придонесуваме за создавање на најдобри услови и стандард на живеење овде во нашата земја – рече министерот.

Потенцира дека треба почесто да се зборува за причините за останување во државава и начините за враќање на искусните кадри, со цел да се создаде попозитивна и понадежна клима за идните генерации.

Кога на нешто му пристапуваме како проблем или како предизвик, треба да се обидеме да најдеме алтернативи за да понудиме решенија – подвлече Шаќири.