Несоницата кај голем број на луѓе е зачестена во зимскиот период, особено околу празниците. Ја предизвикуваат честите временски промени, празничната еуфорија, промена на навиките и начинот на исхрана за време на празниците, како и премногу слободно време што луѓето го имаат (што поради празниците, што поради организација на работното време во услови кои ги диктира епидемијата).

Многу е важно несоницата да се третира на природен начин и навреме, пред да дојде до стадиум кога е потребна медикаментозна терапија за борба против за некои луѓе и „хронична“ состојба на несоница.

Во продолжение, неколку совети за борба против несоницата:

Зголемена физичка активност

Зимскиот период ја ускратува можноста за тренирање, што поради покусото траење на денот, што поради несоодветните временски услови за движење низ природа (која за многу луѓе е единствениот начин да направат физички движења).

Сепак за квалитетен сон, луѓето треба да го зголемат своето движење, да искористат прилика кога може да испешачат неколку минути, да направат неколку единоставни вежби низ домот, или да започаат со физички вежби во теретана.

Со физичката активност ќе го изморите вашето тело доволно, а тоа природно ќе ви побара одмор и сон.

Исхрана

Исхрана која содржи премногу шеќер, висококалорична храна и газирани пијалоци треба да се избегнуваат во текот на вечерните часови. Тие ќе ви дадат енергија која се акомулира и телото се подготвува за активност, а не за одмор.

Најдобро е да не јадете и пиете ништо неколку часа пред да одите во кревет. А вашата вечера да е супа, свежа салата и неколку чаши вода или незасладен чај.

Планови за утрешниот ден

Организацијата на утрешниот ден, ви поставува ментален роковник кој го детерминира вашиот биолошки ритам. Ако испланирате утре да се разбудите порано и да имате некоја активност, тогаш вашето тело ќе се подреди на организацијата што ја поставува умот.

Раното напуштање на креветот наутро значи и појава на потреба за порано легнување во текот на вечерните часови.

Одржувајте стабилен биоритам

Ако имате проблем со заспивање во точно време во текот на вечерта, тоа не значи дека треба да продолжите да спиете во текот на утринските часови за да ја надокнадите потребата за сон.

Без разлика на тоа кога сте заспале, следниот ден почнете го како секој останат. На тој начин ќе одржите стабилен биоритам, а веќе следната вечер, ќе заспиете во стандардното време во кое обично „ве фаќа сон“.