Од СВР Битола информираа дека денес е приведен Л.А.(34) од Битола, по што извори во МВР потврдија дека станува збор за пејачот Ламбе Алабаковски.

Извршени се претреси на дом и други простории кои ги користи Л.А., на две локации во Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело – се наведува во соопштението на МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку Фејсбук информираше дека случајот со подметнатиот пожар веќе расчистен и има приведен што го признал делото. Центарот „Ванчо Михајлов” пред три дена во Битола соопшти дека се опожарени нивните простории.

Локалниот огранок на Левица во Битола повикува на протест за слободување на Алабаковски, што е закажан утре пред полициската станица во Битола, барајќи отфрлање на кривичната пријава поднесена против пејачот.

На социјалните мрежи луѓето му изразуваа поддршка на Ламбе Алабаковски нарекувајќи го гестот со палењето на вратата на Центарот за култура „Ванчо Михајлов“ во Битола – херојски. Освен „Левица“ ниту една друга политичка партија не застана официјално во одбрана на гестот на Ламбе Алабаковски.

Брзата постапка на МВР, ги задоволи очекувањата на бугарското МНР, но не и на македонските граѓани кои ја критикуваат работата на внатрешните органи, тврдејќи дека не е праведно што се уште да нема завршена истрага за пожарот во Тетово или за пожарот во автобусот на „Беса Транс“, а во случајот со палењето на вратата на Центарот за култура „Ванчо Михајлов“ да има брза завршена истрага со барање за одредување на мерка притвор.