Во Словенија ковид потврда ќе мора да имаат и вработените кои работат од дома, јавија словенечките медиуми, повикувајќи се на Министерството за труд.

Словенија воведе ковид сертификат за работа, за одење во трговски центри, здравствени установи, јавен превоз, освен за студентите, како и за различните услужни дејности и јавни институции.

Министерството за труд сега појасни дека дури и оние кои работат од дома не се ослободени од обврската да поднесат потврда за вакцинација, прележан Ковид – 19 или негативен тест, јави телевизијата Н1, пренесе Индекс.

Ако вработените што работат од дома немаат ковид потврда, тие ќе мора да се самотестираат со брз антигенски тест најмалку еднаш неделно, по што мора сертификатот да го испратат до работодавачот, а во него да бидат наведени датумот на тестирање, резултатот од тестот и потпис.

Трошоците за тестирање се на товар на работодавачот.

Доколку работникот не го стори тоа, ќе се смета дека ги прекршил обврските што произлегуваат од работниот однос, а работодавачот може да го казни согласно Законот за работни односи, објаснуваат од министерството.