Транспаренси Интернејшнл и во својот последен извештај констатира натамошен пад на Македонија во рангирањето за борба против корупцијата, сега сме на 111 место – дури и под Косово и Албанија. Срамота нели?
Aмериканската амбасадорка Брнз ни порача дека корупцијата ги руши сите врзивни елементи на нашето општество – меѓусебната доверба, довербата во правдата и довербата да ја градиме, раснеме и модернизираме нашата економија. Борбата против корупцијата останува критично важна задача за Македонија, и фокус на стратешкото партнерство меѓу Америка и Македонија.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп пластично ја опиша состојбата на свеста кaј граѓаните на Македонија, дека корупцијата денес е состојба на умот во целото општество. Корупцијата ја има во јавните набавки, кај градоначалниците, судиите. Кронизмот и непотизмот се на највисоко ниво, луѓето се спремни да платат поткуп, носат шише виски кога одат на преглед кај доктор или им даваат подароци на своите деца за учителките во март. Корупцијата води до потреба за изнаоѓање политички баланс при секое назначување на државна функција, па дури и директорите на националните паркови се политички назначени, а не врз основа на нивните заслуги, отчетност и професионалност.
Од власта се правдаат дека падот на рејтингот значи дека е зголемена перцепцијата за корупција во Македонија – а не дека таа фактички се зголемила, дека за борба против криминалот и корупцијата се потребни независни обвинителство и судство – а дека тие ги обезбедиле сите услови за реформи во правосудството, дека прочистувањето во судството започнало, па се очекуваат резултати.
Од ДПМНЕ критикуваат дека за 4 години СДСМ ја претворил Македонија во легло на корупција и затоа владата треба да си поднесе оставка, зошто ова било полошо и од мафија. Професорот Трајко Славевски вели дека СДСМ и Заев се виновни што Македонија е најкорумпирана држава во Европа.
Претседателката на Транспаренси Интернејшнл Слаѓана Тасева вели дека мерките на владата се само декларативни, без видливи резултати, дека високата корупција и натаму останува недопирлива за органите на прогонот и правдата, и дека е потребно целосно напуштање на политичките влијанија и пазарења при вработувањата.
Па добро, нели и вам ви се чини, како на мене, дека историјата со растот на корупцијата кај нас постојано ни се повторува, кој и да е на власт? До кога треба да пропаѓаме и да страдаме за да ни дојде паметот?
Очигледно е дека проблемот не е во СДСМ или ДПМНЕ, во Мицкоски или Заев, во тоа кој од нив е покорумпиран, туку проблемот е во системот кој овозможува и стимулира корупција во Македонија. Што мислите, ако дојде некој трет на власт, со истиов систем со затворени изборни листи и зависност од лидерите на партиите кои одлучуваат за сѐ – дали ќе ни се намали корупцијата? Овде не се работи за личните карактеристики на луѓето кои се во политиката, туку се работи за политичкиот систем со затворени изборни листи кој овозможува и стимулира системска корупција, на сите нивоа во државата. Па тогаш не е ни чудно што, по 30 години самостојност на Македонија, корупцијата ни навлегла и во културата на однесувањето и во менталитетот, ни станала прифатлива и очекувана, нормална.
И што мислите, дали мора да е вака? Секако не! Ние не сме ништо помалку културни или покоруптивни од останатите народи во Европа.
Е сега, за да се реши некој проблем треба да се открие и отстрани причината, а не последицата на проблемот. Ништо нема да направиме ако го смениме Заев со Мицкоски или со некој друг, СДСМ со ДПМНЕ или со некоја друга партија – ако изборниот систем ни остане ист, со затворени листи, а моќта на одлучувањето во државата, наместо ние граѓаните, ја имаат лидерите на партиите. Однесувањето на партиите и нивните лидери е само последица на проблемот – затворените изборни листи, зошто тие само го користат она што затворените листи им го оставаат како можност. Значи, ако причината за проблемот со системската корупција во Македонија се затворените листи, тогаш решението за отстранување на оваа причина на проблемот само се наметнува – итна промена на изборниот модел и воведување на отворените изборни листи!
Од друга страна министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП Горан Милевски изјавува дека на локалните избори во октомври треба да има отворени листи за советниците, и дека тоа е став и на министерството и на неговата партија. Така општинските совети ќе бидат помоќни, а советници ќе бидат луѓе кои имаат авторитет во својата средина. Браво, одлично, тоа е вистината!
И министерот за правда Бојан Маричиќ, по преземањето на функцијата лани во септември, изјави дека верува дека партиите може да постигнат согласност да имаме отворени изборни листи за локалните избори во октомври. Супер!
Ова значи дека и решението на проблемот е познато, еве дури и министри од сегашната влада се залагаат, барем вербално, за промена на изборниот систем и за воведување на отворените изборни листи. Дали ова значи дека отворените листи наскоро конечно ќе се воведат, и дали конечно ќе го решиме проблемот со системската корупција во Македонија? Ни оддалеку! Многу е провидно дека изјавите на овие двајца министри се само за залажување на јавноста – како, еве, тие нешто работат на тој план – но во пракса ништо не се случува зошто истите тие раководства на партиите се панично уплашени од воведувањето на отворените изборни листи. Дали со отворените листи ќе се намали корупцијата во државата – ДА, секако, дури скоро и ќе се искорени. Но што ќе прават тогаш тие раководства на партиите во политиката? Ќе му служат на народот за мали плати? Нема да можат повеќе да договараат провизии за секој нивен потпис и позитивна одлука заради контролата од граѓаните? Па системската корупцијата е онаа главна причина зошто тие и се влезени во политиката – парите и личниот интерес, а и моќта и влијанието кои ги носи власта. Отворени листи? Служење на граѓаните? За јавноста да, јавно мораат да изјавуваат дека тоа е најдобриот изборен модел и спас од корупцијата – зошто тоа е вистината, но меѓу себе си велат – никако воведување отворени листи, или „крв ќе падне“!
Епа затоа, пријатели мои, тие се толку силни во одбраната на оваа системска корупција, затоа што вложиле огромен дел од себе и своите знаења и вештини за да ја создадат и одржат, и затоа што се спремни и со крв (и наша и нивна) да го бранат тој мафијашки систем на затворени изборни листи. И дали знаете кога системската корупција во Македонија ќе се уништи и кога ќе се воведат отворените изборни листи? Кога ќе има доволен број на граѓани кои ќе разберат дека спасот на државата и на нивните најблиски е во воведувањето на отворените изборни листи, и кога ќе бидат спремни, и по цена на сопствената крв – да се борат со сите дозволени и цивилизирани средства за рушење на оваа системска корупција. А главното оружје се знае – тоа е гласот на изборите за партијата која ќе вети итно воведување на отворените изборни листи.
Во ДПМНЕ во Панорама крв падна за Груевски да стане лидер на партијата, а крв падна и за ДПМНЕ да остане што подолго на власт и да ја развива системската корупција. ДУИ по крвавиот конфликт влезе во Собранието, и како крлеж се закачи за системската корупција. СДСМ, по цена на сопствената крв во Собранието, успеа да ја тргне мафијата на ДПМНЕ од власта и да ја преземе системската корупција во свои раце, и затоа сѐ уште паѓаме во рејтингот за корупција. Зарем мислите дека така, без капка крв, овие три мафии ќе дозволат лесно да се уништи нивната толку сакана и со крв стекната системска корупција, од која тие така убаво и богато си живеат – со едноставна промена на изборниот закон и воведувањето на отворените изборни листи? Да не се лажеме. Се додека сите не се освестиме и цврсто застанеме зад нашето барање за итно воведување на отворените листи – се дотогаш ќе не лажат и ќе се богатат на наш грб со помош на системската корупција, а државата ќе ни пропаѓа и децата ќе ни се селат. А ако воведувањето на отворените изборни листи не се случи за неколку месеци – тогаш и натаму само ќе слушаме изговори од нашите „владетели“ – зошто и на следните избори не биле во можност, „од оправдани причини“, да ги воведат отворените листи.
А отворените листи наскоро мора да се воведат во Македонија, го сакале тоа „владетелите во Македонија“ или не, затоа што е јасно дека најголемите финансиери на Македонија се ЕУ, Америка и нашинците од дијаспората. Мислам дека ниеден од нив не сака нивните пот и мака, претставени преку нивните пари во Македонија, некој да ги крчми и пљачка како што сака, под законскиот превез на системската корупција. Тие многу добро знаат дека вистинската контрола над разумното и домаќинско трошење на нивните пари во Македонија ќе се воведе само преку уништувањето на системската корупција во Македонија – со помош на воведувањето на отворените изборни листи. И ако сами не се опаметиме – со почетокот на преговорите ќе не опаметат ЕУ и Америка, и ќе ни го наложат воведувањето на отворените изборни листи. Македонија ќе ја биде, вака или онака, само да е што поскоро и побезболно.
Автор: Елизабета Најдоска Величкова