Главниот координативен кризен штаб деновиве се очекува да ги разгледа препораките за олабавување на ковид мерките на Комисијата за заразни болести, а потоа да бидат усвоени на следната владина седница.

Сепак, според надлежните, новите препораки кои се во насока на олабавување на рестрикциите, не значат дека пандемијата е завршена.

Укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, како и укинување епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите, се препораките кои на последниот состанок ги донесе Комисијата за заразни болести.

Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски информираше дека Комисијата по разгледаната епидемиолошка состојба во државата, заклучила оти моменталните услови овозможуваат да се размислува за намалување на рестриктивните мерки и препорачува укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор.

Во однос на понатамошните препораки, премиерот Димитар Ковачевски смета дека тоа исклучиво зависи од Комисијата за заразни болести.

Во неколку наврати имам кажано дека од исклучиво значење е мислењето кое го даваат докторите членови на Комисијата за заразни болести, а нивното мислење и знаење и искуство се покажа како точно и правилно применето од страна на Владата, бидејќи јас откако сум премиер придружуваќи се до она што го кажуваат лекарите, до нивните емпириски студии и искуствата кои ги користат од европската и од СЗО се покажа како исправно со оглед на тоа што трендовите што ги предвидуваа како во однос на почетокот на школската година, како во однос на намалувањето, односно олеснувањето на мерките, така ќе биде и понатаму во носењето на идните мерки – истакна вчера Ковачевски.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 202 случаи на ковид-19, од направени 2.285 тестови. Починале двајца, а оздравени се 201 пациент.

Досега во земјата се направени вкупно 1.976.805 тестирања на ковид-19.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 307.344, бројот на оздравени пациенти е 296.574, на починати е 9.236. Бројот на активни случаи изнесува 1.534

ИЗВОРНова Македонија
претходниот член,Како да ја освежите миризбата на обувките на природен начин
Следната статијаВременска прогноза: Температурите денеска до 25 степени

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде