Асоцијацијата за згрижување и вдомување на бездомни животни ,,Бездомни животни без граници” Скопје, доставиле иницијатива, со која се надеваат дека ќе успеат да донесат промени кога станува збор за користење на јавен превоз на патниците кои со себе носат миленик.

Револтирани од повеќе ситуации, кога патници со милениче биле избркани од автобус во Скопје, од страна на возачите и контролорите на ЈСП Скопје, од асоцијацијата бараат помош од јавноста, собирајќи потписи, со цел да се надминат ваквите состојби и дискриминација.

Потенцираат дека во услови кога милениците не загрозуваат ничија безбедност, не смее да им се ограничува слободата на движење на лицата со миленици.

Како здружение за заштита на животни и унапредување на нивните права, а воедно и правата на граѓаните кои имаат миленици, секогаш се трудиме да наоѓаме начини да промовираме одговорно сопствеништво и ја придвижиме колективната свест во правилната насока. Во изминатиот период бевме контактирани и информирани за неколку непријатни настани каде граѓани биле бркани од градски автобуси бидејќи со себе во транспортери носеле милениче одејќи кон ветеринар. Проверувајќи ги одлуките на ЈСП Скопје, увидовме дека јавниот срам и стресот кои го претрпеле граѓаните од возачите и контролорите на ЈСП Скопје, е всушност дозволен според Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје која гласи Член 94 (1) На патниците им е забрането во автобус да: – влегуваат во алкохолизирана состојба или да консумираат алкохол во возилото, – внесуваат животни, освен во случаите од член 99 на оваа одлука Член 99 Слепите лица имаат право во возилото да внесат специјално обучени кучиња – водичи, лицата во инвалидска количка рехабилитациски кучиња, а дете со пречки во развојот, покрај придружбата со родител може да внесе во возилото и тераписко куче. Кучињата мора да се обезбедени со официјален документ, појас, корпа и ознака– појаснуваат од асоцијацијата.

Потенцираат дека ниту еден граѓанин не смее да е изложен на такви ситуации, кога го користи јавниот транспорт. Сметаат дека слободата на движење не смее биде ограничена за граѓаните со миленици, во услови кога истите не загрозуваат ничија безбедност и велат дека уште повеќе оваа одлука е контрадикторна со кампањите на одредени институции кои наводно промовираат одговорно сопствеништво, кога во реалноста граѓаните со миленици се дискриминирани од многу различни аспекти.

Мотивирани да спречиме повеќе вакви ситуации, а притоа физички оневозможени да собираме потписи од 10 проценти од избирачи во Град Скопје (на последните избори биле 467 000 регистрирани гласачи ) што подразбира 46 000 потписи за поднесување на иницијатива како здружение, се обративме до советниците од Град Скопје при Зелен Хуман Град, користејќи ја МојГрад платформата, за да истата биде доставена до Совет на Град Скопје. Иницијативата има виден интерес од страна на граѓаните иако истата нема доволно видливост, а е од општествена корист- велат од асоцијацијата. Заинтересираните граѓани можат да ја потпишат иницијативата на следниот линк https://mojgrad.mk/initiative/?id=141&fbclid=IwAR0fRB8Q-6YX3d7yctdiGhXzfKUjGTtkR_P-soDq8491DALKrYyREHYoZh4