Вработените во ЈСП „Скопје“ утре во 12 часот ќе протестираат пред Владата поради нередовна исплата на јавниот долг од страна на централната власт но и од страна на општините за превозот кој го врши претпријатието на учениците и на студентите. Поради ваквата одлука на Град Скопје и на ЈСП „Скопје“ се доведува во прашање нормалното функционирање на јавниот градски превоз во Скопје.

Секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров истакна дека во моментов на ЈСП „Скопје“, Министерството за образование и наука му должи вкупно 120 милиони денари, 40 милиони денари должат општините, а дополнителен финансиски притисок, како што истакна, претпријатието чувствува и поради наследениот долг од 90 милиони денари кон приватните автобуски превозници.

Вработените во ЈСП „Скопје“ заслужуваат редовно да земаат плата, а граѓаните на Скопје заслужуваат редовен и квалитетен градски превоз. За тоа да функционира во услови на криза неопходно е секој да ги исполнува своите обврски, без која реализација претпријатието не може да функционира. Претпријатието е затекнато во катастрофална состојба и во изминативе години е доведено пред колапс со мултимилионски наследени долгови. Цените на енергенсите за редовно функционирање на превозот се зголемени за 400 отсто поради енергетската криза. Покрај целиот овој товар дополнително и институциите не си ги подмируваат своите обврски кои се неопходни за нормално функционирање на претпријатието – истакна Глигоров.

Тој изрази надеж дека час поскоро властите ќе ги подмират своите долгови и тековните обврски за како што рече, претпријатието да може редовно да исплаќа плати на вработените и да ги извршува тековно своите обврски.