Саемот на книгата заврши вчера. И додека издавачките куќи ги собираат своите книги од штандовите, се сумираат и впечатоците од тоа во какво расположение поминал Саемот на книга. 

Се чини дека овој настан е еден од позначајните културни настани во Македонија, а читателите преку цела година ги чекаат саемските специјални понуди, прилагодени цени и гостувања на различни автори како домашни, така и странски.

Но, овогодинешниот Саем на книга не беше проследен со големо медиумско внимание, а голем број на луѓе, па и љубители на книга не беа запознаени ни со фактот дека се одржува Саем на книга токму во Скопје.

Според дел од издавачите, Саем на книга од година во година станува се помалку посетен, што според нив треба да се припише на лоша организација.

Никаде не видовме постери, ниту најави освен на влезот на С.Ц Борис Трајковски. Ни за тие постери немало потреба, ако сме дошле до тука веќе знаеме дека е организиран Саем на книга, требало да се допре до оние што не знаат, заклучува посетителка на Саемот за книги.

Од година во година се помал е бројот на издавачки куќи кои се заинтересирани да земат учество на Саемот, а и оние кои годинава беа дел од него, не се задоволни од организацијата на саемот.

Меѓудругото, прилично ме разочаруваат саемиве по многу точки… Организацијата под број 1, едноставно не е возможно да ги следиме сите издавачки куќи на различни канали за да дознаеме за промоции и настани, за гостувања и сл. Тоа треба да го направи организаторот, да ги собере сите од сите учесници и да ги спои во една генерална програма. Следно е работното време.. не може да пишува до 20ч а веќе во 18ч. нема никој… Не знам што е со оваа наша нација „да киднеме порано, кој ќе дреме до 8″… Попустите да ти се плаче, стои во коментар на Ивана К. на социјалните мрежи.

Организаторите, пак, слабата посетеност на Саемот на книга ја припишуваат на економската криза која настана како резултат на војната во Украина. Според нив, војната во Украина се одразува во сите сегменти, а се гледа и во слабата посетеност и заинтересираност за Саемот на книга.