Некогаш е доволна желбата ликовно да се прикаже сопствениот свет да се соедини во грижливо култивирање на одредена постапка и да се добие едно коректно сликарство кое не знае за поголеми промени и отскокнувања. Ликовниот уметник и филмски документарист Коле Манев (роден 1941 во село Бапчор, Егејска Македонија) во својата творечка работа не отскокнува од она што претставува главна преокупација во креирањето на својот интимен свет а тоа е човечката фигура. Неговото сликарство е секогаш поттикнато од внатрешни побуди со драматичност и неизвесност, наоѓајќи се себеси во лузните од детството и почувствуваната болка од прогонот на Македонците од Егејска Македонија, кое и сам го доживеал.Честопати набљудувајќи ги неговите дела се поставува прашањето: се одмора ли некогаш неговиот насликан човек? Да, во мигот меѓу прогонот и спокојот, во тој одмор сонот е јаве, а јавето сон.
Опишувајќи ги како луѓе што го минаа патот на Голгота тој со автентичен сликарски ракопис во основа го одбележа своето творештво низ циклусот слики под наслов „Спокој” и „Неспокој”. Чувството за вековната борба на еден народ, за неговата епопеја наоѓа соодветен израз во цврстата и анатомски прецизно обработената човечка фигура (акт) која претставува симбол на оттуѓеност и прогонетост од самиот себе, додека пак пулсот на животот го отсликува преку експресивниот израз на лицето на секоја фигура. Со некаков метафизички немир на амбиентот каде е поставен човекот се кристализира една мајсторски хармонична игра на светло и темно, со којашто успева да ја долови психолошката состојба на луѓето.
Поставувањето на тие фигури во темен и длабок простор Коле Манев експлицитно укажува на присуството на некаква таинствена сила која како тешко бреме ги обезличува, дезориентира и меланхолично ги втурнува во нивната неизвесна, неспокојна и трагична судбина („Ден и ноќ”, „Ноќ и ден”, „Одмор”, „Прогон” и др.). Во композицијата што е секогаш подредена на потребата за ред и јасност во изразувањето на инспиративните моменти, цртежот пулсира однатре. Некогаш мирен, некогаш драматичен, авторот низ анализата на формата ја вообликува бојата, одредувајќи ја севкупната фактура на сликата. Од неговото присуство зависи и потегот и слојот со боја, густината и лазурот во хроматиката, светлото и темното во мислата и чувството. Низ овие елементи сликарот Коле Манев се среќава со своите живи спомени – раните и лузните. Низ тој придушен густ хроматизам и во длабоките сенки и силуети ја открива болката на луѓето, не само од неговото време, туку и на болката што го следи денешниот човек. Исто така, тој има чувство за реалност на предметите и на женското тело кои се солидно насликани, но можеби треба повеќе да обрне внимание на ликовната содржина отколку на самата изведба.
Градот Париз и неговата сликарска импресија ги зацврстува естетските погледи и размисли на Коле Манев. За тоа, впрочем, говорат двете понови дела именувани како „Парис” кои навидум ги променија мислите и чувствата откриени во тој град, во односот кон природата и човекот во неа. Во тој тн париски период, Коле Манев во техничка смисла не отстапува од својот зацврстен однос кон распоредот – композицијата и речиси е невозможно да ја промени (таа е суштината и севкупното битие на уметникот), но во однос на бојата и цртежот може нешто да научи и комбинира. Проткајувањето на сината боја како жиг, метафорично го отсликува човековото страдање и патење, додека пак провлекувањето на светлината ја отсликува како копнеж за човековата верба и надеж за подобро утре. Оттука, видлива е непроменетата уметникова носталгија за својата земја за која Д-р Срџан Керим ќе каже:
–Таму каде што е тој, сеедно дали е Париз, Женева, Минхен или Лазарополе, таму со него и во него си ја носи татковината.
Во филмската уметност Коле Манев создава живи дела: „Тулгеш” и „Баскарските извори”, дела изведени во друг медиум, но со ист творечки знак. Всушност, тука ја режира сопствената сликарска мисла: „минатото не е заборавено! Тоа е живо сега но ја населило и иднината”. Во целокупното свое богато творештво, Коле Манев го презентира дуализмот во човекот кој го следи од неговото раѓање па се до заминувањето од овој свет: распнат меѓу спокојот и неспокојот, меѓу денот и ноќта, меѓу животот и смртта. Трагите од времето на неговото детство ги индицира на платното така што навлегува во душата на човекот низ своевиден ликовен јазик и печат на една згрченост на актот и состојба на агонија, збунетост и замисленост во изразот на лицето од безизлезната ситуација во која се наоѓаат луѓето.
Од целосното согледување на оваа уметничка реалност, би се запрашале дали некогаш човекот во неговите слики го наоѓа својот мир помеѓу спокојот и неспокојот. Ликовниот израз на Коле Манев е безвремен, следејќи една внатрешна линија на континуитет во обликување на формата и инстинктивно проектирање на самиот себе, со чувство на тактилност и објективност во изведбата.
Автор: Марија Стојческа