Романот „Далечен брег“ е најновата книга на Катерина Серафимовска, позната како авторка на книгите „Забранет поглед“, „Насмевка со цимет“, „Поглед полн синило“, „Небото над реката Чарлс“, „Блесок на пролетта“, „Брезите што шумеа покрај Темза“ и „Линија помеѓу двете неба“. Серафимовска е долгогодишен член на Друштвото на писатели на Македонија и една од најпродуктивните и најпрепознаените писателки на романи.
Новиот роман е приказна за една кармичка љубов која ги надминува границите на разумот. Далечен брег е современ роман со интригантна структура, раскажан преку вештонасликаните портрети на три љубовни парови што живеат во Европа во временски распон од четири календарски години.
Серафимовска посебно се осврнува на движечката сила на љубовта, гледана од својот карнален аспект на меѓучовечките односи, но и од порелигиозен и повозвишен аспект на нејзиното севкупно поимање и чување. Накратко може да се каже дека новиот роман Серафимовска го посветува токму на љубовта како суштинска човечка емоција, одлика и онтолошка основа.
Книгата „Далечен брег“ е издание на издавачката куќа „Култура“ и може да се најде низ книжарниците на Култура.