Македонското здружение „Кочо Рацин“ ќе организира неколку манифестации во Србија, кои ќе имаат цел да ги промовираат македонската култура и јазик. Најпрво на 1 октомври во просториите на Домот на војската на Србија ќе се одржи македонска вечер, а следниот ден, на 2 октомври, ќе има одбележување значајни настани од историјата на Македонците во Србија.

Македонската вечер ќе започне во Домот на војската на Србија, каде што ќе има промоција на македонската музика, како и промоција на македонското вино, ракија и мастика. Организаторите посочуваат дека настанот ќе се одржи во согласност со мерките што се пропишани за заштита од коронавирусот во Република Србија.

Лидија Демниева, една од организаторите на македонската вечер и претседателка на македонското здружение „Кочо Рацин“, за настанот вели: „Со голем напор се трудиме да ја одржиме традицијата, да ја негуваме љубовта кон Македонија и нашиот мајчин јазик овде во Србија“.

На 2 октомври, од македонското здружение „Кочо Рацин“ и од Лидија Демниева, во рамките на одбележување настани значајни за историјата на Македонците, ќе биде положено свежо цвеќе во Костолочка Коса, црквата „Св. Ѓорѓи“ во општината Пожаревац, на гробното место каде што се закопани Македонците од Вториот вардарски баталјон, загинати во Првата светска војна, а мобилизирани од Кралството Србија.

Вториот вардарски баталјон е формиран на 24 март 1914 година и во него имало 1.300 Македонци што биле регрутирани од Гостивар, Тетово, Куманово, Кривопаланечко и од Кратовско. Споменатиот баталјон активно учествувал во одбраната на Белград, Смедерево и други важни стратегиски локации.

Најтешката и најкрвава битка, Вториот вардарски баталјон ја водел кај Стари Костолац на 6 октомври 1915 година против германската армија предводена од фелдмаршалот Август фон Мекензи. Во оваа битка загинале 627 Македонци. По воените дејства и по повлекувањето на српската армија во Драч, од споменатите регрутирани Македонци само петмина останале живи, односно загинале 1.295 Македонци.

Лидија Демниева посочува дека се предвидува и посета на селото Петка во Костолец, каде што ќе биде побарано да се изгради споменик за загинатите Македонци од Првата светска војна што се бореле во рамките на српската армија.

Настанот ќе биде збогатен и со посета на Тврдината на Голубовац, која се наоѓа во Браничевскиот Округ и е една од најубавите тврдини во Србија, лоцирана во српскиот национален парк Ѓердап.