Претставници на власта вчера уште еднаш ги повикаа пратениците во Собранието, пред се оние од редовите на опозицијата, да ги поддржат уставните измени и да не го блокираат патот на земјава кон ЕУ, додека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да ги поддржи предлозите за промена на Уставот.

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика сите 120 пратениците да бидат на висина на задачата и да го поддржат продолжување на патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, со тоа што ќе ги поддржат уставните измени.

Тој нагласи дека уставните измени ќе поминат низ процес на парламентарна дискусија и тие се нешто што земјава треба да го направи и не треба да се користат за теснопартиски интереси.

Верувам дека сите 120 пратеници треба да ги поддржат уставните измени зашто со нив се внесуваат делови од други народи кои живеат тука, кои изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав. Ние веќе имаме повеќе делови од народи кои се дел од Уставот, покрај македонскиот народ. Постојат држави со дури 25 народи во Уставот, како Хрватска и тоа само ја збогатува општествената кохезија, рече вчера Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Тој потенцира дека секој пратеник има обврска кон граѓаните и државата во однос на европската иднина и затоа постои дискусија во Собранието која треба да се базира на аргументи, факти и на перспективите на земјата.