Прекршочни санкции ќе следуваат за тие што ќе согоруваат недозволени горива при печење ракија, стои во денешното известување со укажување, потпишано од кавадаречкиот градоначалник.

Со оглед на тоа дека започна сезоната на печење ракија, се апелира и укажува на граѓаните за загревање на казаните да користат исклучиво дрва или пак плин, доколку се во можност. Исто така се апелира до граѓаните оџаците од казаните да бидат соодветно изведени, односно со висина над нивниот објект, зависно од местоположбата во околината, се вели во известувањето.

Во него се наведува дека службите од Одделението за инспекциски надзор и ,,Мој општинар” ќе вршат засилени контроли и доколку се затекнат лица што согоруваат недозволиви горива, односно отпадни иверици, гуми, пластика, отпадни масла или слично, за нив ќе се преземат соодветни прекршочни санкции, согласно законот за управување со отпад и законот за квалитет на амбиентниот воздух.