Недостатокот на сончева светлина, лошото време и пократките денови се само дел од причините за таканаречената зимска депресија. Сепак, научниците открија дека склоноста на човекот да се чувствува вака кога времето станува постудено се одредува според бојата на очите!

Кога доаѓаат постудените денови, многумина се жалат на замор, нерасположение и необјаснива тага. Најчесто оваа појава се поврзува со недостаток на сончева светлина, пад на температурата и пократки денови.

Еден начин да го победите ова чувство е да ја промените исхраната, велат експертите. Сепак, научниците открија дека некои луѓе имаат поголема веројатност да страдаат од депресија во овој период од годината, а сето тоа е поради нивната боја на очите.

„Open Access Journal of Behavioral Science & Psychology“ објави студија која покажува дека луѓето со светли очи помалку страдаат од сезонски промени во расположението, апетитот и спиењето. Не е ни чудо што многу жители на Северот имаат светли очи – тие се поотпорни на промени во расположението за време на преминот од топла во студена сезона.

-Причината поради која бојата на очите влијае на подложноста на зимска депресија е количината на светлина што очите на една личност можат да ја „обработат“, напиша д-р Ленс Воркман и главен автор на студијата.

Очите кои содржат помалку пигмент, како што се сини или сиви, се помалку чувствителни на светлина, што значи дека телото на човек со светли очи произведува помалку мелатонин.

Луѓето со светли очи се поотпорни на зимска депресија токму затоа што нивните тела се навикнати на недостаток на овој хормон. Но, луѓето со потемна боја на очите, на пример леска, поминуваат полошо.

Акутно реагираат на недостаток на мелатонин и им се зголемува ризикот од есенска и зимска депресија. Студијата исто така сугерира дека тоа е причината зошто жителите на јужната хемисфера имаат темни очи.

Она што помага за овој проблем, без разлика на бојата на очите, е пешачењето во текот на денот, особено во раните утрински часови, кога изгрева сонцето, тврдат научниците.