Постапката за признавање странски дипломи и образовни квалификации од утре, 4 ноември, ќе се реализира само по електронски пат.

Поднесување барање за нострификација/еквиваленција на образовни квалификации стекнати надвор од Република Северна Македонија, заедно со сите неопходни документи согласно со правните прописи, како и електронско плаќање, ќе се прави преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk.

– Изработениот позадински софтвер овозможува електронско водење и решавање на предметите од страна на комисиите во Министерството за образование и наука и на овој начин значително се крати времето, но и дел од трошоците кои настануваат при користењето на оваа услуга, велат од Министерството за образование и наука.

МОН нагласува дека процесот на дигитализација на образованието и на образовните услуги продолжува да биде една од неговите приоритетни цели во насока на модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор. Министерството најавува дигитализација и на други услуги.