Импозантни и свежи дела на младиот уметник Михаил Корубин (роден 1986 во Скопје) од понов датум ја индицираат неговата сликарска вештина за класична урамнотеженост, игра на боја, чувство за мерка, педантност и јасен ликовен израз.
Портретот, како стара и една од најтешките ликовни дисциплини долго време беше запоставен и потиснат од актуелните движења во современата ликовна уметност во последните неколку децении. Во тој поглед, портретите изработени во техника масло на платно со посредство на платно во голем формат откриваат уметник кој мошне педантно и минуциозно ги обликува формите на своите творби, оставајќи впечаток на чиста и суптилна изработка.
При разгледување на творештвото на овој млад сликар се добива импресија на автентична и со страст исполнета преокупација за едно портретно сликарство, кое со своевидно движење на четката укажува на сосема поинаква естетска и содржинска компонента од вообичаената.
Портретот (особено женскиот) е основната идеја и мотив на Милан Корубин, кој освен како добар познавач на психологијата на жената, се покажува и како тој вид на ликовно изразување да му е речиси единствената цел и главна преокупација во неговото ликовно кредо. Во делата како што се: „Восхит”, „Блаженство”, „Патување” и др., во еден момент на визуелизација Михаил Корубин ни предочува фотографска хиперреалистичност во својот ликовно-технички дискурс како битен аспект во сфаќањето на неговиот внатрешен процес, кој колку што е прегледлив и јасен, толку е и неодгатлив и таинствен.
Од друга страна, моментите на објективното портретно сликање ги потенцира со помош на внатрешните пориви на движење на раката низ кои ја изразува женската сензуалност, нежност, убавина и психолошка карактеризација. Својот естетско-модерен темперамент и креативен сензибилитет го трансферира со помош на магијата на боите и суптилните контурни линии во нивната чиста супстанција, во смелите комбинации низ кои се дестилира ликот што го слика како чист производ на имагинацијата, чиј извор блика директно од длабочините на душата.
Нешто што се издвојува и што може да се протолкува како екстатична состојба на уметникот е согледбата на сликата под наслов „Се поминува”, каде што доминира елементот на специфична магловито-сина боја, која има мистичен призвук и која е во колерација со надреалистичките и фантастичните претстави на суштества и ликови од митологијата.
Исто така, тука се среќаваат одблесоци на кубизмот со комбинација на конструкција и спонтан израз на расположбата на уметникот, со убава хармонија, рамнотежа и разбрануваност на на хроматски светли и пастелни соодноси. Секој кој што ќе се соочи со монументалните платна на овој млад уметник со сигурност ќе ја почувствува нивната интензивна енергетска поврзаност, која прилега на индивидуално ликовно проседе како клуч на себеизнаоѓање: женски портрет е она што го гледаме во преден план, но истовремено тој портрет укажува на нешто што е надвор од видливото, односно, делува како содржина која возбудува и фасцинира.
Всушност, зад овој женски лик се крие една сензуална, модерна, чувствителна, убава и мистериозна жена, која за авторот претставува лајтмотив за проникнувањето во суштината на својата портретна уметност.
Имајќи ги во предвид издвоените и споменатите карактеристики на презентираните дела на Михаил Корубин, уметничката вредност на овој млад сликар станува уште пооправдана и попотребна да се негува и во иднина. Воедно, ова сликарство со карактеристики на тн магичен магнетизам, нема да ја остави рамнодушна ни една душа што е чувствителна на чистата имагинативна убавина на портретот доживеан како изблик на екстатичното и креативното битие, за кое уметноста е радост и празник на живеењето.
Автор: Марија Стојческа