Јавно претпријатие за државни патишта располага со приход од плаќањето на патарините. Додека граѓаните приговараат дека цените на патарините не се соодветни со состојбата на патиштата, Јавното претпријатие за државни патишта, на несоодветен начин ги користи средствата собрани од граѓаните. 

Во 2018 година на спектакуларен начин беше пуштен во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица. По овој ПР на тогашната влада, немавме прилика да гледаме уште едно такво театрално отворање на автопатишта или патишта во Македонија.

Во тек е изградбата на автопатот Кичево – Гостивар кој со години се гради, а во јавноста нема најава кога тој ќе биде завршен и пуштен во употреба.

Додека граѓаните уредно плаќаат патарини, а состојбата на патиштата не е сменета, одлучивме да провериме каде завршуваат парите на граѓаните.

  • Јавни набавки

Во електронскиот систем за јавни набавки на ЈП за државни патишта може да се забележи долга листа на договори од јавни набавки што се направени во тек на изминатата година.

На прв поглед забележително е, дека најголем број од склучените договори се врзани со набавка на компјутерска опрема и електронска опрема за канцелариско работење. Во вртоглавите суми кои се потрошени за опрема и канцелариски материјали се одава впечаток дека претпријатието се занимава со телекомуникациски услуги, а не со градење на државни патишта.

Од друга страна забележително е и дека голем дел од средствата за набавка се потрошени на безалкохолни пијалоци за вработените и набавка на кафе и чаеви од прва класа.

Според Договор за јавни набавки со архивски број 08-6808/4 во месец јули е направена набавка на 250 килограми мелено кафе Арабика, 300 килограми еспресо Арабика, 50 килограми растително кафе, 700 килограми млеко, 5 килограми чоколадни преливи за кафе, 100 килограми рафиниран бел шеќер, 10 килограми алкохолен оцет (иако не е јасно за што се користи алкохолен оцет во тие количини за вработени во ЈП?), 100 килограми чај филтер и уште толку чаеви со специфични вкусови во кесички.

Буџетските средства во јавните набавки на ЈП за државни патишта главно се алоцирани во набавка на топли напитоци, овошја и безалкохолни пијалоци за вработените, како и набавка на опрема. Во превод набавувани се средства и материјали кои обичните граѓани кои плаќаат патарини не можат да ги видат, ниту да ги користат директно нивните бенефити.

  • Секоја зима ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта е изненадено од пристигнувањето на снегот 

Во 2021 година, ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта потрошило 177.000.000,00 денари во набавка на 15 кипер камиони опремени со специјална опрема за чистење на снег. Договорот е склучен со „Технокомерц АД Скопје“ и е заведен со архивски број 03/40-15 во месец април, 2021 година.

Додека од „Македонија пат“ известуваат дека оваа опрема не е доволна да ги исчисти сите магистрални и регионални патишта од снег, денеска на автопатот „Пријателство“, како најважен и меѓународен автопат на територијата на Македонија можеше да се посведочи на неисчистен автопат, отежнат сообраќај, ризично патување, без присуство на возила и кипер камиони за чистење на снег или попрскување на патиштата со сол.

Останува отворено прашањето, доколку новите кипер камиони не работат на чистење на главниот автопат во Македонија, на кој пат чистат и дали воопшто има некаква трага од нив?