По летниот пораст, во светот сега се бележи тренд на опаѓање на новозаболени од ковид-19. Според неделната статистика на Ворлдметерс во изминатите седум дена, глобално се бележи пад на новозаболените од 17 проценти, во однос на претходната седмица. За 11 отсто е намален и бројот на починати.

Во Европа минатата недела имало за 29 проценти помалку ковид-случаи, во Северна и Јужна Америка за 27 отсто, во Азија за два процента, Африка за 49 отсто и Австралија и Океанија за 24 проценти.

Пад на новозаболени на неделно ниво има во повеќето европски земји, вклучувајќи ја и Македонија со 23 отсто помалку случаи во однос на претходниот седумдневен период.

Раст на ковид бројките е евидентиран во Босна и Херцеговина, Летонија, Литванија, Полска, Русија, Србија, Унгарија и Шпанија.

Минатата недела Комисијата за заразни болести одржа состанок, на кој што заклучи дека земјата е во фаза на широка трансмисија со соодветни капацитети за одговор, а во такви услови нема потреба од нови ковид-мерки. КЗБ апелираше на одговорно однесување и почитување на актуелните мерки.

– Останува препораката за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на гужви и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против ковид-19 – апелираше КЗБ.

Во моментов, согласно податоците од Институтот за јавно здравје има 4.218 активни случаи на коронавирусот. Најголем број се од Скопје – 1700, додека во Дојран, Демир Капија, Делчево, Македонска Каменица и Македонски Брод има едноцифрен број на активни случаи. Пехчево е единствен град во земјава без активни случаи.

Здравствените власти во земјава и во светот, сепак, укажуваат на внимателност поради можното повторно влошување на епидемиолошка состојба наесен.

 

ИЗВОРНова Македонија
претходниот член,Внимавајте на количината прашок што ја ставате при перењето, може да предизвика иритација на кожата
Следната статијаМакедонските граѓани во Србија и Албанија може да работат без виза и работни дозволи