Економско-социјалниот совет (ЕСС) на денешната седница продолжи со дискусијата за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, а со кој се регулира денот недела да биде ден за неделен одмор.

Како што информираат од Министерството за труд, социјалните партнери се согласни дека исклучоци мора да има, но само во одредени дејности и тоа само кај оние работодавачи каде работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради потребата од континуитет.

За работниците што ќе работат во недела освен соодветниот додаток на плата, им следи и ден за неделен одмор кој ќе го користат во друг ден од неделата – се наведува во соопштението на ресорното министерство.

Во него се додава дека за работната верзија на предложеното законско решение покрај вицепремиерот Фатмир Битиќи и членовите на ЕСС, свое мислење дале и претставници од Државниот инспекторат за труд.

Целта на предлог-законот е овозможување на социјално праведна држава во која квалитетот, квантитетот и дигнитетот во приватниот живот на секоја една индивидуа која учествува на пазарот на трудот се гарантирани – се додава во соопштението.