На 20.06 со почеток во 20.00 ч. во книжарница „Буква“ се одржа промоција на книгата „Се што знам за животот“ на Тихомир Јанчовски.

Според модераторката на промоцијата, Магдалена Стојмановиќ, делото претставува особено значаен придонес во македонската филозофска мисла, а таа истакна и дека покрај тоа што е прозно дело – дневник, може да се нарече и филозофски дневник.

Според излагањето на модераторката на настанот, по својата форма, ова прозно дело е дневник бидејќи преставува регистар на настани и појави од субјективна перспектива, еден тип на сведоштво организирано со временски референци.

Покрај тоа што има временски референци – датум кога е пишувано поглавјето, сите поглавја се и тематски поделени.

Освен по формата и содржината, според Магдалена Стојмановиќ, делото налкува на егзистенцијалистичките дела, пред се на Сартер и Киркегор, но и на феноменолошките дела, на Хусерл или Мерло-Понти.

Промотор на книгата беше проф. д-р Ристо Солунчев, кој истакна дека делото е одговор на перенијалното филозофско прашање што е супстанцијата на животот.

По стилот, формата и содржината книгата „Се што знам за живтот“ е оригинално дело и автентичен пристап кон прашањето за смислата на животот.

Според Солунчев, потрагата по одговорот што е супстанцијалното, а што акциденталното во животот никогаш не е завршена, дури ниту со смртта, бидејќи смртта не е негација на животот, а ние никогаш немаме директно искуство со сопствената смрт, само со смртта на ближните.

Сепак, заклучува Солунчев колку и темата за смислата на животот што задолжително ја вклучува и смртта, ја детерминира и песимистичката нота на авторскиот пристап, делото на „Се што знам за животот“ завршува со оптимизам, со надеж и есхатолошки момент на „очекување“ на спасението бидејќи дискусрсот на авторот е и христијански.

Говор за книгата одржа и авторот на делото, Тихомир Јанчовски, кој прочита избор на текстови од книгата и заклучи дека делото не треба да се чита само како филозофско дело, туку и како прирачник на животот и лично искуство со него.

Според Јанчовски, како што и секоја реченица има почеток, средина и крај, а ние не знаеме како ќе се развива и заврши реченицата и говорот, така е и со животот, тој почнува, не знаеме како ќе се развива, но сите сигурно знаеме дека ќе заврши.

Тоа е единственото извесно нешто, се помеѓу е слобода, случајност или детерминираност.

Специјален гостин на настанот беше и Антониј Т. Јанчовски.

На настанот се почитуваа сите протоколи за организирање на групен собир во услови на епидемија, а бројната публика имаше можност да добие потпис и посвета на книгите лично од авторот.