Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го става штрајкот во мирување, а учениците од утре почнуваат со настава. Причина за ваквата одлука на СОНК е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решевање на работните спорови.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека по направените консултации со правни лица, донесена е одлука да се стави штрајкот во мирување додека трае решавањето на спорот.

Ова е само почитување на законот, доколку не се договориме, повторно ќе го активираме штрајкот. Уверени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот, изјави Неделков.

Изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.