Нена Неновска Ѓорѓиевска е жена со исклучителна енергија, ширина на погледи и редок баланс меѓу професионалното и личното.
Доктор на науки, правник со богато меѓународно искуство, истражувачка посветена на мировни и развојни политики, но и мајка која секојдневно ја живее реалноста на современата жена – Нена успева да ги спои академијата, семејството и човечките вредности во една автентична животна приказна.
Од научни истражувања за вооружени конфликти и бегалски кризи, преку работа на меѓународни проекти и ангажман во Меморијалниот центар – Фондација „Никола Кљусев“, па сè до патувања кои ѝ носат лична и професионална инспирација, таа зборува отворено, искрено и без разубавување на фактите.
Во ова интервју, Нена Неновска Ѓорѓиевска нè води од снежната магија на Лапонија до сериозните прашања за улогата на жената, лидерството, мајчинството и одговорноста кон идните генерации – со јасна порака дека знаењето, љубопитноста и храброста се клучот за исполнет живот.
Нена, неодамна се вративте од Рованиеми, Финска – домот на Дедо Мраз. Какво беше тоа искуство за вас и вашето семејство? Како реагираа децата кога го запознаа „вистинскиот“ Дедо Мраз?
-Оваа посета на Рованиеми им беше желба на децата одамна. Но, исто така и моја долгогодишна желба и затоа решив да го организирам ова патување кога децата ќе потпораснат и поубаво ќе ги разбираат работите. На децата не им кажувавме до последен момент, така што кога дознаа каде ќе одат, се расплакаа од среќа и радост, особено поголемиот син, затоа што целото патување беше организирано по повод неговиот роденден.
Слетавме на снежната писта во Рованиеми, и буквално се почувствувавме како да сме слетале на друга планета. Постојано има ратраци на аеродромот коишто го чистат снегот од пистите, но изгледа пилотите во Лапонија се дополнително учени, за слетување на снег, така што немаше никакви проблеми, ни лизгања. Само што излеговме од авионот, имаше елфови и ирваси на секој чекор. Сè беше како на филм.
Посетата на „вистинскиот“ Дедо Мраз, беше токму на роденденот на син ми, на 6ти декември. Искуството беше толку многу поневеројатно кога самиот Дедо Мраз почна да му пее „Happy birthday“ на син ми. Носевме мала торта и свеќи, па така децата ги дувнаа свеќите заедно со Дедо Мраз. Тие беа истовремено и среќни и збунети, затоа што се сретнаа со „вистинскиот“ Дедо Мраз. Едноставно, не можеа да си поверуваат.
Редицата за да се види Дедо Мраз и за да се сликаш со него е огромна, но сепак кога му кажавме на Дедо Мраз дека детето дошло да прослави роденден со него, одвои малку повеќе време за нас, дополнително и затоа што 6ти Декември нив им е Св. Никола, односно денот на Дедо Мраз. Сликањето и снимањето со приватни телефони е забрането, така што навистина жалам што не успеав да ги снимам тие моменти.
Понатаму, следеше санкање со ирваси, хранење на ирваси, топење на манчмелоу во оган, санкање со моторни санки, посета на работилници со елфови, посета на хаски и сè она што е специфично за Северниот пол. Идеална снежна атмосфера која ја гледаме само на филмовите. Насекаде се издаваа сертификати, дека сме ја преминале линијата и сме влегле на Арктикот.
Температурата не беше толку ниска, или можеби ние имавме среќа. Во периодот кога бевме таму, најниската температура беше до -5 степени.
За жал, светлата Аурора Бореалис не успеавме убаво да ги видиме затоа што врнеше снег и имаше облаци. Но, светлината на небото беше видлива од секаде.
Финска е земја позната по мир, ред и почит кон природата – вредности кои многу личат и на темите со кои се занимавате академски. Дали ова патување ви даде нова инспирација во контекст на мировните и развојни истражувања?
-Секое патување ме инспирира на свој начин. Колку повеќе патуваш, толку повеќе ти се шират познанствата, видиците и хоризонтите. Токму затоа, работата си ја насочив во тој правец, меѓународна соработка на разни општествени теми. Јас со Финска веќе имам остварено соработка, така што тие познанства од таму ми помогнаа во организирањето на ова патување, и во давање на предлози каде, што и кога да се посети. Ова ми се случува неколку пати, кога познанства од други држави ми помагаат во организирање на тури и патувања, без разлика дали се туристички или академски.
Инаку, да Финска е позната по редот и мирот. Неколку пати се соочивме со некои нивни правила, како на пример, забрана за купување алкохол после 21ч. (нешто што го имаше порано и во Македонија, но за жал веќе не), не создавање врева после 22ч. итн. Финска граничи со Русија, и се приметува руското влијание. И покрај тоа што политиката им е рестриктивна спрема Русија, сепак мислам дека некои од тие правила произлегуваат токму од Русија. Од друга страна пак, како земја членка на ЕУ, Финска мора да ги прифати строгите правила на ЕУ, така што имајќи ја предвид нејзината географска позиција, интересна земја е за академско истражување.
Како мајка и доктор на науки, како успевате да го балансирате времето меѓу семејството, академскиот и професионалниот живот? Дали понекогаш една од тие улоги „победува“ над другата?
-Има една изрека која вели: Зад секоја успешна жена, стојат нејзините баби, кои и ги чуваат децата. И ова е 100% вистина. Без поддршка од бабите и дедовците, и другите роднини, тешко дека ќе може да се постигне сè. Кога се спремав за одбрана на докторатот, моите деца беа секој ден кај некои од нивните баби и дедовци. На моменти ги чувствував како да ги запоставувам. Најмногу се радував навечер кога ќе се вратеа дома, од една страна, затоа што ќе поминеме време заедно, а од друга страна, дека веќе немам шанси да учам во нивно присуство и следи време за одмор. Сега се веќе поголеми и можат некои од нивните обврски да си ги завршуваат сами.
Мојата работа е таква што вклучува многу патувања. Кога се враќам го надоместувам времето со повеќе заеднички активности.
Инаку, мајка како мајка, во секој момент е тука за своите деца без разлика на сè. Колку и да имам други обврски, морам јас да учам со нив, да пишувам домашни задачи, да одам на родителски средби, да организирам родендени итн. Децата не ги интересира дали мајка им денес била на 5 состаноци, или цел ден држела обука на 30 професори. Тие си имаат свои барања на коишто мора да им се одговори. Така што, улогата на мајка секогаш победува, и мислам дека тоа е така кај сите мајки.
Вие сте правник со богато меѓународно искуство и дипломи од престижни институции. Кога би се вратиле на почетокот на вашата кариера, што би си порачале себеси како млада студентка на Правниот факултет?
-Кога би се вратила назад, најверојатно не би се запишала на Правен факултет. Правото го сакав уште од основно училиште, но со текот на времето сфатив дека мојот карактер е покреативен од правото и пишаните правила. Најверојатно би се запишала на Филолошки факултет, на неколку јазици. И, исто така би продолжила да студирам во странство, за, како што кажав, да ми се прошират хоризонтите. Оттргнувањето од домашната комфорна зона е добро за секој млад човек, за да може понатаму сам да се снаоѓа во животот.
Не велам дека сум направила грешка во врска со образованието, не жалам за ништо што ми се случувало. Но, кое образование и да го завршев, ќе го работев истото што го работам и сега. Јас сум стрелец во хороскоп, а стрелците се познати по желбата за патување. Така што, повторно би се насочила кон меѓународни соработки. Можеби сега тие меѓународни соработки се поврзани со општествени случувања, а поинаку би биле поврзани со нешто друго. Во денешно време има многу можности, така што секој може да си ја оствари желбата доколку знае како правилно да ги искористи можностите.
Вашата докторска дисертација се занимава со влијанието на вооружените конфликти врз бегалската криза на Блискиот Исток. Колку тие истражувања ве променија лично – како жена, како мајка, како човек?
-Моите ставови се променија драстично. Глобалните видувања на пошироката публика на тие теми се, дека има некои нации на Блискиот Исток кои постојано војуваат, а никој не ја знае причината. Откога почнав да истражувам на тие теми, детално ги разработив причините и сфатив некои работи што дури и ми беа забранети да ги напишам во самата докторска дисертација.
Сè дотогаш, кога ќе видев бегалци, бегав подалеку од нив, како да ќе ми наштетат. Откога почнав да ги осознавам причините за нивното бегање, почнав да им се приближувам, што дури и одев по бегалските кампови за да ги интервјуирам за нивните животи.
Повеќето од нив ми кажаа дека би се вратиле дома, односно никогаш не би избегале од своите домови доколку не би имало војна. Се сретнав со доктори, професори и луѓе од други висококвалификувани професии кои ми кажаа дека имале идеален живот во Сирија или во Ирак, но, едноставно, не можеле веќе таму да продолжат.
И она што сите го мислиме дека дојдоа да ни се населат во Европа, не е точно. Предизвикани се од некој или нешто за да се населат во Европа. Тоа не е по нивна вина.
Во Македонија, жените сè повеќе заземаат лидерски и истражувачки позиции. Според вас, што е клучно за жената во Македонија денес да успее – упорност, образование, поддршка, или нешто друго?
-За разлика од пред 20тина години, денес жените навистина веќе се изедначувааат со мажите, па дури и заземаат повисоки позиции од мажите. Во денешно време ретко е некој да нема факултетска диплома, така што образованието не претставува проблем во унапредувањето. За цела среќа жените денес, знаат да се изборат за својата позиција во општеството, упорни се и многу повеќе се ангажирани отколку мажите, затоа што покрај нивните професионални обврски, домаќинството и децата секогаш ќе останат на терет на жената.
Имаме многу квалитетни жени менаџерки, докторки, професорки, адвокатки, нотарки, носители на политички функции. Сите тие со своја посветеност кон работата успеале да се издигнат и да преземат лидерска позиција. Многу е важно секој да си е свој и финансиски независен.
Дали сметате дека професионализмот и знаењето се доволни за жената да добие еднакви можности, или сè уште постојат невидливи бариери кои мора да се надминат?
-Доколку сакаме општеството да се развива, не би требало да има повеќе бариери. Бариери може да има како спрема жена, така и спрема маж. Моето лично искуство укажува на тоа дека некои луѓе намерно ги поставуваат бариерите. И тоа се личности кои се поставени на лидерски позиции без притоа да имаат лидерски способности. Улогата на лидерот е да го најде најдоброто во секој којшто го води и да го извади максимумот од него, а не да ги омаловажува неговите квалитети. Така што, професионалноста и знаењето се релативни термини. Секој е различен и секој е квалитетен на свој начин, а лидерот треба тоа да го препознае и искористи.
За жал, сè уште во некои институции се среќаваме со некои лидери, без разлика дали се мажи или жени кои наместо да се стремат кон подобар квалитет во работењето, тие ќе создадат бариери само за да се истакнат самите себеси. И тоа е она коешто треба да се промени.
Како дел од Меморијалниот центар Фондација „Никола Кљусев“, секојдневно се среќавате со теми од национално и историско значење. Што најмногу ве инспирира во таа работа?
-Проф. Д-р Академик Никола Кљусев, остави белег во македонската историја, како прв премиер кој ја осамостои Македонија од Југославија во 1991 година, без војна. И тоа е она коешто најмногу ме инспирира. Да ја промовирам Македонија, и нејзините значајни историски обележја. Тоа го правам преку разни проекти, национални и меѓународни. Но, и не само промовирање на македонските обележја туку и образување на младите генерации на тоа што е национален идентитет, како да се сака и да се чува татковината. Во Фондацијата водиме многу проекти наменети за млади, кои пишуваат стихотворби и проза на теми поврзани со љубовта спрема татковината. Овие млади луѓе се толку инспиративни, што додека ги читаме нивните стихови, знаеме дека постојат патриотски чувства.
Македонскиот народ не е свесен дека има една од најбогатите истории во светот. Почнувајќи од Филип и Александар Македонски, Цар Самоил, Јустинијан Први, Св. Кирил и Методиј, Мајка Тереза, и уште многу други кои оставиле белег на светско ниво.
Во Фондацијата сум домаќин на многу странски групи кои доаѓаат на разни семинари и обуки и повеќето од нив (понекогаш со потсмев) ми кажуваат дека во Скопје имало премногу споменици. А јас со сериозен пристап им одговарам, дека не сме ние криви што имаме толку голема историја и значајни личности на коишто сме должни да им оддадеме почит. И дека ние македонците сме многу горди на нашата пребогата историја.
Како дополнителна инспирација во секојдневното работење ми се и меѓународните проекти. Во рамки на Фондацијата водиме многу Еразмус+ проекти, од областа на стручното образование и обука, дигитализација, еднакви можности и друго. Скоро во сите проекти се вклучени и мобилности на млади луѓе. Кога има повик за учество на проект, повикот го праќаме до повеќе училишта низ Македонија, за да може млади луѓе од разни градови и различни области да учествуваат на проектите.
Откако тие млади луѓе ќе се вратат од некое патување, тие се толку среќни и задоволни што не знаат како да ја изразат нивната благодарност до фондацијата. Ова дополнително ме мотивира и многу ме исполнува во моето работење.
Кога знам дека сум им овозможила патување на млади луѓе и тие се враќаат презадоволни, добивам дополнителна енергија за да се заложам за што повеќе ученици, студенти, професори да одат на некоја мобилност, да ја претстават Фондацијата „Никола Кљусев“ и Македонија во најдобро светло и да им се прошират познанствата.
Што прави Нена кога не работи? Како се релаксирате и како ја негува Нена својата женска страна – низ патувања, мода, читање, тишина?
-Патувањето веќе кажав дека е неодминливо. Шопингот и модата се исто така задолжителни за секоја жена. Што е можно почесто сакам да бидам физички активна, така што уште од средно училиште посетувам аеробик или пилатес. Може понекогаш да направам пауза од неколку месеци, но секогаш се чувствувам поубаво и посреќно кога вежбам.
Сакам да излегувам и да се дружам. Често одам на концерти, како на домашни така и на странски изведувачи. Кога кажувам странски мислам на светски реномирани артисти. Изведувачите од регионот од турбо фолк сцената строго ги одбегнувам и тоа одбегнување најупорно им го наметнувам како на моите деца, така и на роднините и пријателите со кои се дружам. Турбо фолкот раѓа само хистерија и пороци.
Она што е најважно е дека помладите секогаш ги следат повозрасните во нивните навики, па така секојдневно читам книги, прво затоа што јас сакам да читам, но најважно од се, затоа што моите деца го следат мојот пример, мислат дека така треба и ме имитираат мене и легнуваат во кревет со книга. И покрај тоа што помалиот син сè уште не знае да чита, тој само си разгледува сликовници пред спиење.
И за крај, ако Дедо Мраз можеше да ви исполни една желба за новата 2026 година – што би побарале?
-Повеќе проекти, за да направам повеќе луѓе среќни!
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов
Извор: Мој збор

























