Глобалниот бруто домашен производ (БДП) се опорави побрзо отколку што се очекуваше во третиот квартал од оваа година, но обновените мерки за спречување на ширење на корона вирусот низ Европа ќе предизвикаат нов пад во четвртиот квартал, вели тимот на Fitch Ratings во ажурираната анализа на прогнозите за глобалниот БДП.

БДП во еврозоната се очекува да падне за 4% во четвртиот квартал, а посилно закрепнување се предвидува на пролет следната година доколку нема потреба од дополнителен карантин.

Бруто домашниот производ порасна многу побрзо во третиот квартал отколку што се очекуваше во САД, а особено во еврозоната.

Сепак, послабото закрепнување на Европа ќе го забави глобалниот раст следната година, но прогнозите за Кина и САД за 2021 година се непроменети.

Фич сега верува дека американскиот БДП годинава ќе падне за 3,7 проценти, наспроти 4,6 проценти, како што претходно се предвидуваше, прогнозата за 2021 година е непроменета и изнесува 4 проценти.

Кинескиот раст од година на година беше малку послаб од очекуваниот, па проценката на растот за 2020 година падна од 2,7 на 2,3 проценти, но закрепнувањето продолжува.

Повторното воведување на карантин во Франција, Германија и Велика Британија и построгите ограничувања во Италија и Шпанија веројатно значително ќе го намалат БДП на европскиот услужен сектор.

Бидејќи училиштата остануваат отворени, производствените и градежните активности ќе продолжат во Франција, но исто така и поради научените лекции за време на претходниот карантин, влијанието на карантинот врз дневните активности веројатно ќе биде помало отколку во пролетта, рече Брајан Култон, главен економист на „Фич“.

Најавено е дека последните мерки ќе траат четири недели, но Фич претпоставува дека новите ограничувања постепено ќе бидат укинати само во текот на зимските месеци.