Трите политички партии кои најверојатно ќе формираат владејачка коалиција во Германија се договориле да ја легализираат продажбата на канабис за рекреативни цели, објавија неколку германски медиуми, пренесува Политико.

Социјалдемократите, Зелените и Партијата на слободни демократи планираат да воведат контролирана продажба на канабис за возрасни во лиценцирани продавници, се вели во извештајот на здравствената група што ја објавија медиумите.

Со тоа се обезбедува контрола на квалитетот, се спречува дистрибуција на контаминирани производи и се гарантира заштита на малолетниците, се наведува.

Сепак, не е јасно дали одгледувањето марихуана ќе биде легализирано и во Германија.

Освен за медицински цели, продажбата на канабис беше забранета во Германија, иако зелените и либералите долго време се залагаат за контролирана продажба.

Коалицијата има намера да го процени влијанието на потенцијалната регулатива врз германското општество во рок од четири години.