Како вчера да беше се сеќавам, кога бев дете 80 тите години на минатиот век, кога мајка ми ќе ми речеше – сине оди да купиш едно кило леб. Да баш килограм леб.
Додека се вратев можеби пола ќе го имав изедено, сладок беше лебот тогаш.
Во меѓувреме денес лебот е едвај 500 грама ама и не е сладок како тогаш.
Во материјална смисла стандардот беше многу понизок но луѓето беа многу посреќни.
Добро се сеќавам, во Велмеј, ако некој градеше куќа, сите ќе притекнеа на помош, а денес и изградената би ти ја урнале.
Тоа општество тогаш беше многу почовечно, луѓето беа солидарни еден со друг, за жал и многу покултурно и понапредно од денес.
Постоеше збор, чест и образ, а ние бевме воспитувани на скромност и почит.
Незамисливо беше да не му се стане на постар човек во автобус или да не се каже добро утро, добар ден…
Што направивме денес?
Со прифаќањето на капитализмот ние само ги пренесовме сите негативни карактеристики од истиот.
Трупање материјални богатства како да ќе живееме милион години, отуѓување човек од човека, завист, злоба, многу злоба…
Патем љубовта ја уништивме, љубовта кон се и сешто.
Ги обезвреднивме образованието, културата, научната мисла носејќи на власт обични бандити.
Човек на човека му стана волк од познатата Хобсова мисла!
Последно на добар пат сме да го уништиме и семејството како основна клетка на општеството.
Градиме личности без став, полтрони кои на секој чекор ќе не предадат за ситен материјален интерес.
И на крај, ја уништивме рамнотежата во природата, како нејзина нормална состојба.
Во физиката постои модел со кој, познавајќи ги почетните услови, може да се предвиди крајниот исход на било што.
Со овие почетни услови, драги мои, човештвото неминовно се движи кон пропаст!
Не треба човек да го чита Откровението за да види дека апокалипсата е сега (кога велам сега мислам на среден рок а тоа е мал временски период).
Ава Антониј (Свети Антониј Велики), уште во III век запишал : „Ќе дојде време кога будалите ќе се соберат на едно место и за паметниот ќе речат видете го оној е будала”.
Будала затоа што е пристоен, чесен и добар по дух!
Дали сето тоа ќе го дозволиме зависи само од нас, веднаш и сега!
На крајот ќе завршам со една мисла од Отец Наум: „ Се додека има и еден човек кој на злото ќе одговори со љубов, овој свет ќе постои”.
Исус не слезе на земјата да ги повика праведниците туку грешниците на покајание!
Начинот е тој, љубов, безусловна љубов!
Автор: Гоце Кузески