Во близина на селото Скудриње активно се одвиваат активности за расчистување на снегот, при што во функција се ставени две клучни секции – Косоврасти и Маврово. Дел од овие правци веќе се покриени и редовно се одржуваат, со цел да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски упати јавна благодарност до тимот на Македонија пат, нагласувајќи дека станува збор за исклучително посветени и вредни луѓе кои секојдневно се грижат патните правци да останат чисти и проодни, дури и во тешки зимски услови.
„Веќе се ставени во функција сите камиони со кои располага Македонија пат, а дополнително помагаат и компаниите кои се ангажирани за расчистување на снегот“, информира Николоски, додавајќи дека состојбата континуирано се следи на терен.
Според одредени податоци од релевантни временски прогнози, во текот на ноќта се очекуваат поголеми снежни наноси на повеќе места низ Македонија, особено во повисоките и планинските предели. Надлежните служби апелираат до возачите да бидат внимателни, да ја прилагодат брзината на условите на патот и да не тргнуваат на пат без задолжителна зимска опрема.


















