Новинари за човекови права во рамките на проектот на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП „Мрежа за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Република Молдавија“ финансиран од Австриската агенција за развој (АDA) и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA) спроведоа анализа со која се опфатени 400 жени од урбани и рурални средини со која е утврдено дека над 95% од женската популација користи менструални влошки при менструирање, само 5% користи тампони и незначителен процент користи менструална чашка.

Според Наташа Доковска од Новинари за човекови права, најзагрижувачки е податокот дека дури 15% од испитаничките на анкетата одговориле дека не користат никакви менструални производи. Најмалку 1-2 дена, ученичките од средните училишта отсуствуваат од настава поради менструалните болки и немање на соодветни услови во училиштата за одржување на хигиена при менструирање. Според НЧП овие индикатори укажуваат на родово дискриминирање бидејќи со самото отсуство девојчињата и жените имаат помалку можности да следат настава, напредуваат и бидат редовни во училиштата и на работните места.

Апелот кој НЧП го испратија до Министерството за финансии е итно намалување на даночната стапка од 18% на 5% за производите за менструално здравје и хигиена со што ќе се намали и вкупната цена на производите. Со тоа Владата ќе покаже свест дека се грижи за женското здравје, вели Наташа Доковска од НЧП.

НЧП го најавија и следниот пилот проект со кој ќе се апелира на зголемување на свесноста за рециклирање на отпадот од менструалните производи и негово намалување со тоа што менструалните влошки и тампони ќе се заменат со употреба на менструална чашка чиј „животен век“ е 5 години наместо другите производи кои се за еднократна употреба и кои засега поради непостоењето на други можности се исфрлаат заедно со преостанатиот мешан комунален отпад во депониите.