Извршниот одбор на Народната банка на Србија одлучи да додаде две нови валути на листата на валути со кои се тргува на девизниот пазар на Србија: валутата на Обединетите Арапски Емирати – дирхам и валутата на Република Северна Македонија – денар.

Одлуката ќе стапи во сила на 1 ноември 2022 година.

Како што додаваат, „при одлуката за вклучување на македонскиот денар во листата на валути со кои се тргува на домашниот девизен пазар, Народната банка на Србија се водеше од развиените економски и други форми на соработка меѓу Република Србија и Република Македонија, како и потенцијалот за понатамошен развој на оваа соработка, особено по започнувањето на иницијативата „Отворен Балкан“.

Со влегувањето во сила на Одлуката, Народната банка на Србија од 01.11.2022 година ќе започне со објавување на курсната листа за официјалниот среден курс на динарот и курсната листа на девизи – во која ќе бидат вклучени девизниот курс на динарот во однос на дирхамот и македонскиот денар.