Многумина би сакале да живеат вечно, но да се обидеме да бидеме пореални и да се запрашаме дали би можеле барем да го продолжиме животниот век?

Некои експерти тврдат дека пиењето чај може да го намали ризикот од развој на кардиоваскуларни болести и да го зголеми животниот век

Студијата објавена во European Journal of Preventive Cardiology покажа дека едноставен домашен пијалок може да биде клучот за подолг живот, пренесува хрватскиот протал Живим.

Мозочниот удар и срцевите заболувања се меѓу најчестите причини за смрт во западните земји, а чајот, кој е омилен пијалок на многумина, може да помогне да се избегнат овие болести и да се живее подолго и подобро.

Но, не е доволно само да пиете чај, треба да го изберете вистинскиот тип на чај.

Студијата опфатила повеќе од 100.000 луѓе кои имале семејна историја на рак, срцев или мозочен удар и биле поделени во две групи – оние кои пиеле чај три или повеќе пати неделно и оние кои воопшто не пиеле.

Во текот на седумте години следење, кај оние кои редовно пиеле чај е откриено дека имаат 20 отсто помал ризик од срцеви заболувања и мозочен удар, како и смрт од тие болести.

Исто така, беше откриено дека оние кои редовно пиеле чај имале 15 отсто помал ризик од смрт од која било болест.

Анализата на податоците покажа дека 50-годишниците кои редовно пијат чај страдаат од срцеви заболувања и мозочен удар 1,41 година подоцна од оние кои не пијат чај редовно.

Заштитното дејство на чајот се покажало како најголемо кај оние кои редовно го пиеле.

Имено, студиите за механизмите со кои чајот делува на организмот покажале дека главните биоактивни материи од чајот, полифенолите, не се задржуваат долго време во организмот.

Затоа, за да го заштитите срцето, треба да пиете чај често во подолг временски период.