Бев во долга врска, која не можев да ја раскинам поради тоа што буквално бев заглавена со личност која сакаше да воспостави целосна контрола врз мене, ме заплашуваше, ја стеснуваше средината околу мене, ми се закануваше и вршеше насилство врз мене.
Едвај успеав да се извлечам од неговите канџи.
Но и после долго време како не сме заедно, тој не ми дава мир, напротив се труди да остане во мојот живот индиректно, без јас да знам, бидејќи ако знам, ќе имам основа да го пријавувам и да му направам проблеми со кои тој не е подготвен да се соочи.
Отсекогаш бил кукавица…
Имено, пред некое време забележав дека камерата на лаптопот постојано ми се уклучува без јас да дадам команда, месинџерот ми блокира и уште куп чудни работи.
Разговарав со јавен обвинител кој ми рече дека големи се шансите да сум жртва на шпионажа. Откако му објаснив дека лицето за кое се сомневам дека ме шпионира поради својата работа има пристап до различни мрежи и документи, тој ми одговори дека моите сомнежи се сосема логични.
Ме посоветува како да ја отстранам можноста било кој да пристапи до мојот уред на кој работам, преку кој комуницирам и пред кој сум скоро секој ден.
Откако го обезбедив мојот лаптоп, на ред дојде мојот телефон. Забележав дека често се загрева, месинџерот не можам да го отворам иако сите други апликации совршено функционираат, се троши многу баретија и интернет импулси.
Повторно се обратив кај јавен обвинител кој ми каже дека мојот телефон може да е мета на шпионажа и дека постојат апликации кои може да се купат со цел да се навлезе во системот на телефонот.
Повторно ме посоветува како да се заштитам и ми даде неколку инструкции како да го докажам нелегалниот упад во моите уреди и во мојата приватност.
Очекувам наредните неколку недели да дојде до каква било злоупотреба на моите лични податоци, како би можела да ја поднесам пријавата врз база на она што го имам документирано.
Јас не се плашам од психопат и насилник и ќе зборувам јавно со име и презиме и со сите дела што ги прави тој врз мене а се подведуваат под демнеење, психичко насилство и закана по безбедноста, бидејќи неговиот најголем страв е да се демистифира и другите да откријат кој е всушност тој!