Уморни сте од чувството кое ви вели дека работите многу напорно за мала плата, но сепак не сакате во потполност да се откажете? Можеби решението е да се обидете „тивко да се откажете“. Сигурно се прашувате што значи тоа? Ако до вас не стигнало виралното видео од Тикток во кое еден корисник на таа мрежа зборува за ова, еве за што станува збор. Накратко, тоа значи да се откажете од идејата, на работа да ги преминувате своите граници и да престанете да давате се од себе.

Авторот на видеото објаснува како гледа на „тивкото откажување“, поим кој неодамна се појавил на интернет со кој се опфаќаат, популарно речено, младите генерации и кој во јавноста е наречен „економски Тикток тренд“.

Се уште ги извршувате своите должности, но повеќе не се согласувате со идејата дека работата треба да земе најголем дел од вашиот живот. Фактите велат дека тоа не е така, вели тиктокерот во видеото кое станало вирално.

Инаку, „тивкото откажување“ е тренд кој се појавил неодамна, а идејата е до младите да се испрати порака да не се грижат за работата, да престанат да преземаат дополнителни обврски вон описот на своето работно место или да престанат да работат прекувремено. Накратко, да престанат да го работат сето она за што не се платени за да го избегнат синдромот на согорување.

„Burn out“ – догма на милениумците

Согорувањето или „burn out“, не е ништо ново – овој поим е измислен пред неколку години и започнал од милениумците. Синдромот на согорување бил, и останува нивна догма. Меѓутоа, нивните помлади колеги, припадниците на генерацијата Зет (во кои спаѓаат оние кои се родени од 1996 година), се обидуваат да го избегнат синдромот на согорување едноставно работејќи ја работата која се бара од нив.

Токму ова е клучната точка на спорење помеѓу менаџерите и помладите колеги, припадниците на генерацијата Зет и по некој милениумец, која доаѓа во незгоден момент по пандемијата со Ковид -19.

Докази за незадоволството на генерацијата Зет

Постојат бројни докази за распространетото незадоволство кај помладите работници, и тоа не оние базирани на ангедоти. За потсетување, пандемијата предизвикала бројни откази ширум светот. Луѓето добивале откази, но и давале.

Во Америка овој тренд е наречен „големата оставка“. Тој се користи за луѓето кои ги напуштаат своите работни места во потрага за нешто ново, менувајќи ги своите приоритети.

Во еден момент, голем број од овие приказни под наслов „QuitTok“ станале вирални. Луѓето ги споделувале причините поради кои давале откази или поради кои ги добивале, а тие броеле милиони прегледи, што внело страв во корпоративната Америка.

Во Кина се случило нешто делумно слично. Генерацијата Зет и милениумците во знак на незадоволство во текот на пандемијата исковале термини како „инволуција“ (спротивно од еволуција, враќање во првобитната положба и се помалку работа) и „исправено лежење“ (lying flat) (движење за отфрлање на општествените притисоци кои налагаат премногу работење) – за да ги опишат недостатокот на мотивација и работната култура кои еволуираат понатаму од идејата дека зголемениот обем на работа ќе биде адекватно награден.

Секој втор е под стрес на работното место

Неодамнешното истражување за состојбата на глобалниот пазар на труд за 2022 година покажало дека само 21 % од вработените се навистина ангажирани на работното место, а само 33 % од нив напредуваат и имаат желба за тоа. Од друга страна, 44 % од вработените рекле дека во текот на работниот ден почувствувале стрес.

Кој „тивко се откажува“, а кој ова го смета за губење време?
Сето ова јасно може да се види на социјалните мрежи. На пример, виралноста на споменатото видео за „тивкото откажување“ зборува дека недостатокот на мотивација поради заканата од стрес меѓу младите е широко распространет.

Илјадниците коментари покажуваат колку луѓе се пронаоѓаат во зборовите искажани во ова видео, а на оваа тема се снимени стотици видеа.

Не морате да се трудите да направите повеќе од она што е неопходно, бидејќи компаниите и надредените нема да покажат никаква склоност кон вас во тој случај, стои во еден од коментарите.

Сепак, имало и такви кои не се согласуваат со теоријата на „тивкото откажување“. Една корисничка порачала дека не треба да се молчи, туку да се разговара со работодавачот, бидејќи тој можеби не знае колку работа сте зеле на себе: „Тивкото откажување е буквално губење на време и пукање во нога. Затоа, ве молам, не го правете тоа“.

Имало и такви кои стручно го коментирале „тивкото откажување“ како нездрав механизам за соочување со фактот дека вашата работа ги преминала границите на она што е ваша работа или не е, во согласност со вредностите кои ги негувате.

Милениумците успеале, дали генерацијата Зет ќе успее?

Она што е сигурно е дека „тивкото откажување, „инволуцијата“, „исправеното лежење“ и „QuitTok“ се начини на генерацијата Зет да се побуни против она што ѝ смета.

Дали од овие обични интернет трендови нешто ќе настане, останува да видиме, но важно е да се потсети на миленумците и синдромот кој тие буквално го прославиле – синдромот на согорување на работното место, и тоа со многу помали можности од оние кои ги имаат денешните генерации.

Во втората половина од 2019 година, овој синдром, Светската здравствена организација (СЗО) го вметнала во својот прирачник за Меѓународна класификација на болести, а од тогаш здравствените работнници можат да го дијагностицираат синдромот на согорување како медицинско нарушување поврзано со работата која поединецот ја извршува.