Се верува дека само луѓето кои имаат моќ и власт можат да направат важни промени за поголем број луѓе односно групи. Поради таа претпоставка многумина тежат кон моќ и власт. Во денешен контекст моќ и власт се директно врзани со пари и се што може да се купи со пари (главно материјални работи). 

Луѓето веќе не се фокусираат да бидат способни, угледни, чесни, интелигентни, писмени, но повеќе тежнеат кон тоа да имаат богатство што ќе им обезбеди и некој тип на моќ и власт. На тој начин луѓето паѓаат во амбис мислејќи дека скокаат некој премин, па наместо на средствата, вештините и способностите кои би им донеле пари, моќ и власт, тие се концентрираат само на постигнувањето големо богатство.

Таквата ирационална теза фузирана со желба, ги тера луѓето да поминуваат цели денови и ноќи зад коцкарските машини, рулет масите или да играат лото во надеж дека еден ден, нивниот живот магично ќе се промени токму поради моментот на „среќа“ (Fortuna). Но среќата погаѓа мал и статистички незначаен број на луѓе и обратно пропорционално е 100.000 луѓе да веруваат дека среќата ќе им донесе голема сума на пари што ќе им го смени животот и статусот, ако веројатноста тоа да се случи е само еден од нив да е „среќникот“.

Оваа заблуда скапо ги чини луѓето трошење на време, влегување во пороци кои им ја создаваат или продолжуваат илузијата и бесконечно бегство од себе. Всушност онаа што прави вистински промени се две нешта од нематеријално потекло: зборот и мислата (старогрчки λόγος).* Тие се резултат на долгогодишно образование, занимавање со сопствениот ум, емоции и тело.

Во македонската народна синтакса често се провлекува една поговорка: Добриот збор, железни врати отвора или Три пати мери, а еднаш сечи (или три пати размисли пред да почнеш да дејствуваш). Зборот и мислата може да направат промени во специфични контекст. На пример зборот треба да е кажан во вистинско време и на вистинско место (старогрчкиот концепт на καιρός – да се чинат исправни работи во вистинско време и на вистинско место). Мислата треба да е структурирана и комплексна, но јасно искажана и изложена.

Мислата и говорот се тесно поврзани, а познатиот лингвистичар и филозоф Витгенштајн ќе истакне дека „Границите на нашиот јазик се и границите на нашиот свет“. Јазикот ја обликува мислата, мислата го облекува јазикот. Затоа е важно луѓето да се насочуваат кон овие две идејни способности, наместо да се во постојана трка по пари. Зошто парите можат моментално да ви обезбедат успех, статус, живеење во светот на „Големиот Гетсби“ полн со лажен сјај и илузии. Но на крајот од денот суштинска промена која носи многу внатрешна сатисфакција е онаа направена со мисла и говор. Само тогаш знаете дека сте на вистинскиот пат и точно знаете да одговорите на трите суштински онтолошки прашања за секое егзистенцијално суштество (човекот) – Кој сум, од каде доаѓам и каде одам?


*Интересно е тоа што Старите Грци имале само еден израз за мислата и зборот. Според нивните сфаќања мислата и зборот се тесно врзани поради што не би требало да им се припушува статус на посебност и единственост. 

Автор: Магдалена Стојмановиќ