Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беше на средба кај градоначалничката Данела Арсовска, изјави дека добиле согласност од скопската гардоначланичка за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура.

Имаме комплетна согласност заеднички да работиме на тој проект, со тоа што Министерството за култура ќе ја преземе Универзална сала – изјави по средбата министерот Пенов.

Тој нагласи дека со Арсовска разговарале и за други проекти кои се реализираат и кои се од интерес за скопјани како што се подземниот премин кај „Рамстор“ кој излегува кај „Нова Македонија“, мостот во Карпош на улица Љубљанска кон Момин Поток, како и мостот во Аеродром кој стои заради имотно-правни односи, а кои заради значење за скопјани, Владата е заинтересирана побрзо да профункционираат.

За овие проекти се договоривме да соработуваме со Арсовска – изјави Пенов.

Од прес-службата на Град Скопје потврдија дека градоначалничката Данела Арсовска, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска на заедничка средба во градот Скопје донеле заеднички заклучок во однос на Универзална сала дека треба да продолжи нејзината реконструкција како проект од поширок државен интерес.

Донесовме заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната Сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија. Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати Министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање – се наведува во соопштението од Град Скопје.

Универзалната сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение кое истовремено ќе биде и безбедно, стои во соопштението од одделението за односи со јавност на Град Скопје.