Муџио, градче во Италија близу Трст.

Море, тесни улички,две три кафулиња,ресторан за морска храна,една пицерија каде човек ќе се најаде со вистинска италијанска пица, неколку дуќанчиња. Чиниш се како нацртано.

Студено, есен. Едно поинакво студенило какво што може само морето да го обои, летно студенило кое телото го топли, а умот го прави мирен, безгрижен. Во тоа студенило талкајќи по чудесните улици наидовме на едно од кафулињата. Седнавме на масата покрај прозорецот, со најубав поглед кон градот, ни пријде љубезна келнерка порачавме капучино и еспресо па зарем се пие друго кафе во Италија. Се загледав низ масите, насекаде само празни или до пола полни филџанчиња, а гостите сите се познаваа меѓу себе, повеќето беа во поодмината возраст но тоа никому не му пречеше, си дофрлаа муабети од маса на маса додека во позадина се слушаше магична италијанска музика.

Влезе со пуштен поводник. Сладок како шекер, го поздравуваа, го довикуваа. Сите го познаваа, си помислив дека припаѓа на сопственикот на кафулето или на некој од вработените.
Се викаше Манго. Го зедов в скут, го погалив, ме лизна со јазичето, се потпре со неговото ладно кучешко муце на моето колено, посакав да го имам, да го „киднапирам“ можеби. Се натажив,помислив на Боле. Можев да почуствувам како ни бдее над главите со своите ангелски крила мавтајќи со опашката застанат на виножитото.

По враќањето дома деновите минуваа вообичаено кога започнав да барам, пребарувам, истражувам. Сигурна и несугурна во она што го правам.
По некој месец истражување најдов, ни сама незнаев што и дали треба да биде најдено.

Се сретнавме некаде на половина душевен пат. Јас малаксана од тага и празнотија, ти премрзнат и гладен од животот помеѓу решетките на кафезот. Беше идентичен на оној што го видов во Муџио.

Кратки уфциња со шпицаста форма кренати нагоре, долгнавесто заоблено носе, мазно крзно бела боја, прошарана со светло кафени тонови и навиткана густа опашка како грмушка, мал раст околу 3,5 кг, со висина 17 или 18цм, со должина од околу 27цм и очиња кои чезнеа за љубов.

Стоевме во студената ноќ гледајќи се еден во друг, прашувајќи се како да постапиме,а да не згрешиме. Ти да најдеш топол дом, а јас да си ублажам маката на срцето.

Одлуката падна. Пресече Боби, мојот сопатник на триесет годишното патување по животните улици. Одиме дома сите тројца. А таму не дочекаа неговите слики, креветчето, садовите со чиста вода и свежа храна, кебенцето со кое го покрив ноќта пред да замине. Се тресеше кутриот од студ и болка. Љубов, пријателе, миленику незаборавен.

Нештата така ќе останат. До кога не знам можеби засекогаш. Ти ќе спиеш на друго креветче, ќе јадеш и пиеш од ново купените чинивчиња. Ќе се викаш Манго.

Ќе живееме ден по ден. Ти со твојата младост и палавост, јас со своите секојдневни навики. Можеби некој пат ќе посакам да те подарам, за да повторно се предомислам. Времето ќе ни биде учител. А штом падне мракот јас ќе заспивам со неговото елече кое му го купив во Љубљана, сошиено од мека плетенина, го сакаше, се чуствуваше удобно во него тоа ќе стои под мојата перница, раскажувајќи му за твоите лудории.

Автор: Ефимија Наутлиева Попова