Сојузната влада почнувајќи од 22.08.2021 година, Македонија ја клафицираше како подрачје со висок ризик на инфекција со ковид-19, ова е напишано на фејсбук-страната на германската амбасада во нашата земја.

Затоа, посочуваат во напишаното од германската амбасада, сите патници мора да се регистрираат на порталот за влез на Сојузна Република Германија и да ја носат со себе потврдата заради контрола од страна на превозникот или Федералната полиција.

Освен тоа, се вели во објавените упатства, сите патници се должни да заминат директно во предвиденото сместување, веднаш по влегувањето во земјата и да останат таму цело време (карантин). Не е дозволено да се примаат посетители. Начелно овој карантин трае 10 дена.

Ако поднесете доказ за вакцинација или оздравување преку порталот за влез, карантинот завршува предвреме, во моментот на поднесување. Исто така може да се направи тест (тест за антигени или ПЦР-тест) најрано пет дена по влегувањето и резултатот може да се испрати преку порталот за влез.

За лица под 12 -годишна возраст, карантинот завршува автоматски, со завршување на 5-от ден по влегувањето, е напишано во упатствата од амбасадата.

Во напишаното се дообјаснува дека лица над 12 години кои примиле вакцина одобрена во Германија (види листа на Институтот Пол Ерлих), и се потполно вакцинирани, смеат да влезат во Германија за сите цели на патување, под услов од последната потребна вакцинација да поминале најмалку 14 дена.