„Мојот живот нема смисла“, „Кај баш мене ме снајде оваа несреќа“, „Ги направив најлошите можни избори“, „Се чувствувам осамено и отфрлено“, „Не сум вреден/на за почит“ се само мал дел во мноштвото фрази кои ги повторуваат луѓето во колоквијалниот дискурс.

Разговорот оди во насока на убедување на соговорителот дека „Животот не е убав“ (Опозит на La vita est bella). Настојувањето на некои луѓе да ве убедат во жртвуваноста на животот оди до таа мера што преку демонстрација за своето жртвување се бара општествено признание или награда која немаат прилика често да ја добијат.

На пример „животот го посветив на децата“ не е изјава која треба да се каже од позиција на жртва, туку од позиција на возрасен и зрел етички субјект кој разбира дека грижата за децата (како зависни суштества) е прашање на должност, а не на избор.

Кога имате деца никој не ви дава избор да се жртвувате или не, родителството само по себе носи должност да правите се што правите за своите деца и при тоа мислите дека за тоа треба да барате некакво признание, награда или емотивна компензација.

Во нашата средина генерално владее „култура на самосожалување“. Ние водиме суров натпревар по тоа кој ќе има потажна приказна да ја раскаже на другите или поголемо страдање што го приредил животот. Луѓе ќе се качат на Месечина, ама за нас голема жртва е тоа што сме требале да студираме во Скопје и да бидеме далеку од „топлиот“ дом во кој мама и тато водат бесконечни расправии околу баналности од типот дали јадењето е пресолено и кој е одговорен за тоа што е пресолено и на каква казна треба да се изложи злосторникот што го пресолил јадењето!

Најзастапено чувство во нашата средина е носталгија. Сите се сеќаваме страдајќи по некоја младост, по некое родно место, крувчето во нивата на дедо ми. Неслучајно најпозната изворна македонска песна е „Зајди, зајди јасно сонце, ти за твојте лисја, јас за мојта младост“. Штом немам младост, немам ни живот, мојот живот застанал кога младоста ми завршила. Сега живеам само ради децата…

Самосожалувањето е одвратно чувство, типично за слаби луѓе, морално и интелектуално инфериорни. Понекогаш лицемерието што е уште една карактеристика на луѓето со изразено самосожалување, од самосожалувачите не прави тажни луѓе како што се очекува по логички след, туку „жртви“.

Коплекс на исусовците е познат феномен во психолошката пракса. Животот е страдање, а кој поголем крст ќе носи на своите плеќи, по можност голем колку што Исус носел, тој ќе бил блажен, Господ ќе го награди.

Ваквото фолклорно разбирање на теолошките симболи прави поголеми Исуси од самиот Исус, нормално зошто егото не е хирушки отстрането. Страдењето е фалба, а животот во страдање се разбира како состојба на блаженство.

Предизвикајте ги луѓето на дијалог, заземете ја спротивната страна од нив, дури и да не ја подржувате, по начинот на кој ги бранат своите тези, ќе разберете многу за нив. Вените се оцртуваат на вратот од викање, вцрвенување на лицето, агресија, вилицата во преден план, испакнати очи, неподнослива динамика на говор, а зборува за медитација, за молитва, за Бог како љубов, за страдањето како искушение, за беневолентниот Бог.

Во филозофијата позната е на анегдотално рамниште расправа помеѓу Лајбниц и Волтер. Додека Лајбниц тврди дека „овој свет е најдобар од сите можни светови зошто го создал добиот Бог“, Волтер иронично му одговара „поединечното зло и апсолутното добро се пропорционални, колку е поголемо поединечното зло, толку е поголемо и асполутното добро“.

Така е и со страдалнициве, колку повеќе страдање, толку повеќе среќа, или толку повеќе успех, или толку повеќе признание, страдањето за добро е, злото е за добро и доброто секако опстојува само затоа што злото го одржува!

Бидејќи страдалниците се идолизираат, секој храбат и борбен човек, се третира како „мазен од живтот“ како некој што ништо во животот не видел инаку болката сигурно ќе го променила, ќе го депримирала, ќе го натерала да го мрази животот и се околу себе.

Да храбри и борбени луѓе постојат, имаат многу поголеми болки од вашите, нив ќе ги видите како се мачат низ животот, но никогаш нема да ги видите како се откажуваат. Таквите луѓе може да бидат инспирација и се, од страдалничкиот живот на его трипери, Исусовци, Богородици и жртви на суровиот живот или лошите околности пун куфер.

Само да го спакувате и да го испратите во НИШТО!

Автор: Магдалена Стојмановиќ