Прочитав текст дека екс-лидерот на ДПМНЕ Никола Груевски крадел донации на членовите на партијата за свои лични потреби – ама сите си молчат, а Мицкоски не барал ни партиска истрага за тоа. Па, големи ВМРО-вци, знаете ли што го чекало некого, па и лидерот, ако крадел од заедничката каса за лични задоволства и интереси, за време на она вистинското ВМРО? Кама или револвер, според заклетвата!
Овој рефрен „Крадеше, ама и даваше“ го слушав уште по паѓањето на Љубчо Георгиевски од власт, кога многу негови ДПМНЕ-овци не можеа да го прежалат „војводата“ кој се утепа од крадење – ама барем и на луѓето им даваше, имаше за секого, се живееше. Значи молкот на луѓето за големите кражби на лидерот се купувал со ситен поткуп. Може „големите ВМРО-вци“ да скокаат колку сакаат, ама вистината е таа – тоа се се ситни души чиј молк се купува со ситна лична корист, и во политиката влегуваат само за лична корист, а не од идеали. А најжално е што бездушно го злоупотребуваат патриотизмот и националните чувства на луѓето за нивна манипулација по потреба, на знак од ПР менаџерите од ДПМНЕ. Оние вистинските ВМРО-вци одамна ги избркаа од ДПМНЕ – зошто им сметаа во крадењето, тие не се согласуваа со тоа и не сакаа да молчат за тоа што се случува таму.
Слично се случуваше и во мандатите на Груевски, брзо се променија идеалите во прагматичност, и од големата борба за вековните идеали за Македонија веднаш се помина на задоволување на личните интереси – вработувања, тендери, провизии, недопирливост од државните органи, злоупотреба на власта итн, нешто што тие луѓе никогаш во животот немало да го доживеат ако не дојдеше ДПМНЕ на власт, и ако тие не влезеа во политика и ДПМНЕ. На сите нив им беше јасно дека Груевски и тие околу него крадат на големо – ама и за нив имаше доволно.
Не е многу различно и во СДСМ, и таму луѓето влегуваат во СДСМ или во политиката само заради личен интерес, таму барем не се ни прават големи идеалисти, патриотизмот не им личи, нели? Еве сега токму пред парламентарните избори се разбуди големиот хуманизам на Заеви, па тие непосредно пред и на денот на изборите делеа пакети со хуманитарна помош за социјалните случаи. И затоа Заеви се добри, крадат – ама и даваат, нели? Па некој мора и да владее.
Кај лидерите на пирамидалните системи има една парола која тие редовно ја кажуваат за да ги навлечат луѓето во тие системи, за тие од мака или алчност да влезат до гуша во манипулација и криминал, и потоа да мора да ги бранат тие пирамидални системи како би се одбраниле себеси и своите лични интереси. Тоа е паролата: „Нека не те грижи интересот на другите, најважен е твојот личен интерес и гледај си го него.“ Тоа значи – нека не те интересира огромната добивка што ја имаат првите во пирамидата, заглавувањето и пропаста на тие најдолу во пирамидата, гледај ти да преживееш и да имаш заработка, колку-толку. Токму на таков пирамидален принцип се поставени и нашите партии и нивното финансирање, ако сакаш да бидеш во партија и да добиеш нешто – мора и да вложиш, а ако сакаш да бидеш горе и на функција – мора да вложиш многу, и после бори се само за својот интерес.
Е тука се гледа свесноста и зрелоста на еден народ, дали ги преболел ваквите детски болести на лични интереси, и дали има критична маса на луѓе кои се свесни за оваа болест и кои не паѓаат на неа. За жал, очигледно е дека во Македонија мнозинството на луѓето сѐ уште боледуваат од оваа егоистична и себична болест, а мафијашите од СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ многу добро го знаат тоа и го продлабочуваат, правејќи ги луѓето зависни од нив. Не треба луѓето да се надеваат дека ако се во нешто добри треба со тоа да се занимаваат и од тоа да опстануваат, туку треба да служат во партиите и од таму да се надеваат дека лидерите ќе им фрлат по некоја коска за да опстануваат. А лидерите тогаш се добри ако крадат – ама и даваат, нели?
Оваа парола, секој да го гледа само личниот интерес и да не се интересира за интересот на другите, е позната максима во мафијашките системи, и е само уште еден доказ дека големите партии во Македонија се изградени и функционираат како мафијашки системи. Не дека луѓето се лоши, криминалци, мафијаши – туку системот е таков, а успева само оној кој најдобро ќе се прилагоди на системот, и кој е поагресивен. А зошто политичкиот систем во Македонија е мафијашки? Тоа во многу текстови го пишував – заради затворените изборни листи, кои целата моќ ја оставаат во рацете на лидерите на партиите, и така целата партиска мрежа, а кај победничката партија и државниот систем, зависи од лидерот на партијата. Во тој систем опстануваат само послушните и лојалните на лидерите, а останатите се директна закана и се отстрануваат, и од партијата и јавноста. Така народот тотално се заглупува, од него не се бара да размислува, критикува и предлага решенија туку – само да слуша и извршува, и на глупавите луѓе тоа одлично им одговара. Имаат одлично оправдување дека нема тие што да мислат – има кој да мисли, нивно е само да извршуваат и да им се улизуваат на претпоставените и лидерот, зошто тие крадат – ама и даваат.
Спасот од оваа морбидно-глупава ситуација го знаеме – итна промена на изборниот закон и воведување на отворени изборни листи, кои ќе ја стимулираат критичноста и креативноста кај граѓаните да одлучуваат самите за сопствениот живот, заедничките пари и државните проблеми. Тогаш веќе нема да се бараат послушници туку квалитетни и креативни луѓе, со добри идеи и решенија за проблемите, и така ќе се растурат овие пирамидални мафијашки системи во партиите. Ете затоа мафијашите во големите партии сега веќе не ја ни спомнуваат оваа тема за отворените листи, и максимално ја форсираат темата за пандемијата на коронавирусот, спорот со Бугарија и сл. Прават сѐ само да се заташка оваа тема за ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, за да можат колку што е можно подолго да крадат од буџетот, па и од европските пари. А партиските послушници ќе си молчат – зошто и тие нешто добиваат, нели?
Автор: Елизабета Најдоска Величкова